Два силни земјотреси го погодија југот на Грција

180

Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,1 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.

Земјотресот со јачина од 5,7 степени се случи во 9 часот и 12 минути на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,1 степени, пренесува Катимерини.

Двата земјотреси беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика.

Професорот по динамичка тектоника и применета геологија Ефтимис Лекас на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, додека директорот на Геодинамичкиот институт Атанасиос Ганас рече дека причината што нема материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.