Јокиќ со Денвер им набива комплекс на Леброн и компанија

Леброн Џејмс и Лос Анџелес лејкерс никако не успеваат да најдат лек за Денвер, откако „езерџиите“ загубија на домашен терен со 105-112 и сега се наоѓаат во негатива од 0-3 во плејофот од Западната конференција. Денвер одигра шампионски , продолжувајќи да му набива комплекс на тимот преполн со НБА-ѕвезди, ако се знае дека ова беше 11.победа во низа на нагетс против лејкерси откако лани го демолираше овој ривал со 4-0 во финалето на Западната конференција.

Трет меч по пред ЛА Лејкерс имаше двоцифрена предност (33-23 по првата четвртина) против Денвер, но актуелните шампиони експресно се вратија, а потоа во третиот период со серија од 13-2 и самите првпат дојдоа до „плус десет“, по што Јокиќ и соиграчите одиграа шампионски, не дозволувајќи им на домаќините да се вратат до самиот крај.

Српскиот центар одигра уште еден одличен меч постигнувајќи 24 поени, 15 скокови и 9 асистенции, извонреден беше и Гордон со 29 поени и 15 скокови. Кај ЛА лејкерс повторно најдобри беа Дејвис со 33 поени и 15 скокови и Леброн Џејмс со 26 поени и девет асистенции, премалку за да се совлада актуелниот првак.

Орландо го демолираше Кливленд со 121-83 за водство на „магичните“ од 2-1 во оваа четвртфинална серија од Источната конференција. Банкеро со 31 поен и 14 скокови беше главен играч во победничкиот тим, Сагс додаде 24 поени за Орландо, додека Леверт и Ален со по 15 поени беа најефикасни во оваа катастрофална средба за Кливленд.

Џоел Ембид имаше рекордна вечер кога станува збор за плејоф-натпреварите откако одличниот центар со 50 поени ја предводеше Филаделфија до триумф над Њујорк од 125-114, за намалување на предноста на противникот на 2-1 во оваа плејоф-серија. Ембид беше незапирлив, имаше и осум скока и четири асистенции, помош доби и од Макси и неговите 25 поени и седум асистенции, додека на Њујорк не му помогна ниту одличното издание на Брансон, кој реализираше 39 поени и 13 асистенции.

Се вчитува...