ИСТРАГАТА НАПРЕДУВА: Уапсени три лица за убиството на докторот во скопска Железара

74

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ја информираше јавноста дека е приведено уште едно лице за убиството со девет убоди со нож на матичниот лекар Ацо Трпковски. Со тоа, бројот на уапсени се искачи на три лица.

– Согласно со моите информации, приведено е уште едно лице и сега се три. Претресот е завршен во доцните вечерни часови. Се продолжува со други истражни дејства за да се утврди фактичката состојба. Штом има други информации, ќе ја информирам јавноста – рече Тошковски, при посетата на Струмица.

Министерот, претходно во средата вечерта, во поткастот „Претрес”, обелодени дека се приведени две лица за кои постои сомнеж дека се вмешани во убиството на лекарот од Железара. Преземени се 20 истражни дејства, прегледани се над 50 камери. Министерот откри и нови детали околу истрагата, според која било утврдено дека мотивот за убиството не е поврзан со професијата што ја извршувал убиениот лекар.

– Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги, кои нѐ водат до овие осомничени. Две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејства – изјави Тошковски во поткастот во средата.

Минатата недела беше пронајден 67-годишниот матичен лекар избоден до смрт, во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“. За потсетување, свирепото убиство ја потресе јавноста, убиениот лекар бил пронајден со убодни рани во својот паркиран автомобил „киа“, пред поликлиниката. Доцна во ноќта го пронашле неговите двајца синови, кои почнале да го бараат откако го немало неколку часа да се врати од работа.