ВМРО-ДПМНЕ престанува со нападите кон Левица и ЗНАМ, објави Мицкоски


 

Лидерот на опозицијата вечерва направи чекор, кој беше јасен некое време, но е објавен официјално.

На првиот митинг од парламентарната кампања во Охрид Христијан Мицкоски објави дека ВМРО-ДПМНЕ ги запира сите напади спрема Левица и ЗНАМ во обид да ги привлече кон опозицискиот блок за да се порази власта.

„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што, според него, ја киднапираа државата од граѓаните.

„Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.