Прослава на животот на Горан Стефановски во Дебар Маало

130

Оваа сабота, точно напладне, Општина Центар ги поканува граѓаните на прославата на животот на Горан Стефановски, по повод денот на неговото раѓање.

Настанот ќе се одржи пред муралот нацртан од уметниците Драш и Мачка, на улицата „Живко Чинго“ (спроти слаткарницата „Зафир“) во неговото родно Дебар Маало.

– Го прославуваме роденденот на нашиот најпознат центарец, Горан Стефановски. Ќе слушаме извадоци од аудиодрами на Горан Стефановски од платформата „Самоглас“ (samoglas.mk). Ќе проследиме промоција на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф. д-р Иван Додовски, од издавачката куќа „Три“. Ќе уживаме во култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот „Сешн селекшн“, по текстови на Горан Стефановски – соопштија од Општина Центар.

Настанот ќе биде надополнет со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од „Леб и сол“: „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје!“