Возачот на Red Bull, Макс Верстапен триумфираше на трката за ГН на Абу Даби, со која e спуштена завесата на овогодинешниот шампионат во Formula 1

Последната трка од сезоната го означи и крајот на кариерата на четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел, кој на „Јас Марина“ го освои 10-то место.

Холанѓанецот, кој ја обезбеди титулата уште во октомври, на последната трка по 15-ти пат се најде на највисокото скалило на подиумот и со тоа дополнително го собори рекордот по број на победи во еден шампионат. Воедно, Верстапен ја прослави и 35-та победа во својата кариера.

Најблиску до, сега веќе, двократниот светски шампион беше Шарл Леклер во Ferrari, кој на тој начин стигна и до титулата вицешампион за 2022 година, победувајќи го вториот возач на Red Bull, Серхио Перез. Леклер целта ја мина за осум и пол секунди зад Верстапен, и нешто повеќе од секунда пред Перес.

Големата награда на Абу Даби не понуди премногу возбудувања, како на пример трката од минатогодишниот шампионат, но поради различните стратегии на возачите кои се бореа за вицешампионската позиција сепак беше интересна и неизвесна скоро до самиот крај. Red Bull се одлучи за два пит-стоп за Перез, додека на Леклер од Ferrari му беше кажано да го направи токму спротивното. Иако мексиканскиот возач ја надополни разликата во финишот, на крајот сепак остана без шанса тркачки да го нападне возачот на Ferrari.

Борба за победа практично и не постоеше, бидејќи Верстапен водеше од самиот старт, а лидерската позиција ја загуби само при одење во бокс. Иако мораше само еднаш да менува гуми, шампионот целосно ја контролираше трката и сосема заслужено го собори рекордот по број на победи во една сезона.

Најдобар од останатите долго време беше Луис Хамилтон во Mercedes, но беше принуден да се повлече на три круга до крајот поради проблеми со хидрауликата. Седумкратниот светски шампион по стартот имаше контакт со Карлос Саинц јуниор, потоа профитираше од стратегијата, но не стигна до целта. Оваа сезона, инаку, е прва во кариерата на Хамилтон во која не оствари ниту една победа.

Саинц заврши четврти, пред Џорџ Расел во Mercedes, возачот на McLaren Ландо Норис и Естебан Окон во Alpine. Листата Топ 10, поточно освојувачи на поени, ја комплетираа возачот на Aston Martin, Ленс Строл, Даниел Рикиардо на збогувањето од McLaren, но и Formula 1 до понатаму, како и Фетел. Четирикратниот светски шампион ја заврши кариерата по 299 старта, 53 победи, вкупно 122 подиуми и 57 пол-позиции, а пензионирањето го прослави со „крофни“ на стартно-целната линија во Абу Даби.

Верстапен ја заврши рекордната сезона со 454 поени, пред Леклер со 308 и Перес кој освои 305 поени.

Следниот шампионат во Formula 1 започнува со Големата награда на Бахреин на 5 март следната година.

2022 Abu Dhabi Grand Prix / РЕЗУЛТАТИ

2022 Abu Dhabi Grand Prix / RACE HIGLIGHTS

2022 Abu Dhabi Grand Prix / ИЗЈАВИЈА ПО ТРКАТА

Макс Верстапен

„Ова беше добра трка и се се сведе на чување на гумите. Мислам дека завршивме солидна работа со средно-тврдите гуми, а потоа бевме внимателни со тврдите уште од првиот нивни круг. Прекрасно е да се победи повторно овде и навистина е неверојатно да се победи по петнаесетти пат во сезоната. Беше навистина забавно да се работи со тимот и да се постигне овој резултат оваа сезона. Свесен сум дека ќе биде тешко да се повтори нешто вакво, но во исто време имаме мотив да бидеме повторно добри следната година“.

Шарл Леклер

„Бев на 110% од првиот до последниот круг. Знаев дека различната стратегија во споредба со Перез беше нашата единствена шанса да го победиме и работев на чување на гумите. Успеавме да ја одработиме стратегијата за едно застанување, па јас сум многу среќен. Се надевам дека следната година ќе успееме да направиме чекор напред, имајќи предвид како тоа го направивме минатата година. Успеавме да се подобриме на полето на стратегијата кон крајот на годината. Мораме да работиме и на нашето темпо бидејќи повеќе се мачевме во недела“.

Серхио Перез

„Така е како што е. Работите понекогаш знаат да бидат многу неизвесни и изедначени, но на крајот од денот морам да бидам задоволен. Дадовме се од себе во текот на сезоната и верувам дека следната година ќе се вратиме посилни. Имавме добри моменти и борби оваа година. На крајот од оваа сезона почнав малку да се мачам со овие гуми и се надевам дека ќе го поправиме тоа за следната сезона“.

Себастијан Фетел

„Последните две години беа разочарувачки за мене од спортска гледна точка, но беа важни за моето влијание врз животот. Голема привилегија е да се биде на оваа позиција, што е и голема одговорност. Се надевам дека им дадов порака на другите возачи да продолжат со добрата работа. Имаме способност да инспирираме. Ви благодарам за поддршката, пораките и љубовта. Ќе ми недостига сето ова, но уживав во мојата кариера“.

Тој се наврати и на последната трка во која успеа да дојде до бод.

„Решивме да останеме на патеката каде што гумите губеа на перформанси и паѓавме во поредокот. Но, тоа е кога одите на едно застанување. Тоа е побавна стратегија и не е многу пријатно кога ве заобиколуваат“.

Луис Хамилтон

„Ќе се вратам во фабриката за да ги видам сите луѓе“, изјави Луис Хамилтон по трката. „Овој пат нема да можеме да славиме шампионска титула, но ќе ја славиме нивната напорна работа и посветеност. Се надевам дека тешкотиите што ни беа дадени ни дадоа дополнителни алатки за да можеме да одиме напред“.

Тој се осврна и на трката во Абу Даби, но не ја објасни причината зошто се откажал.

„Имав проблеми со подот, веднаш под седиштето каде се чини дека беше ударот. Поради ова изгубив перформанси. Изгубив рамнотежа. На крајот, почекав да влезам во боксот за да може да се направат корекции, а болидот беше подобар после тоа, се до некаде пред крајот на трката“.

Фернандо Алонсо

„Малку е тажно кога треба да им се обратам на медиумите додека се уште трае трката. Ова е само еден од низата проблеми што ги имавме оваа сезона со мојот болид. Се надевам дека ќе имам повеќе среќа во следната сезона. Сепак, ќе завршиме четврти во првенството на конструктори и тоа беше главната цел викендов. Сезоната беше добра. Овој тим ми даде многу во кариерата и делам многу со луѓето во Енстон. Сигурно носам убави спомени со себе и нема да се сеќавам на овие откажувања. Се радувам на новиот предизвик и верувам дека на сите ни треба нов пристап и мотивиран сум да возам за Aston Martin“.

Ландо Норис

„Добар крај на сезоната за мене и за тимот. Шестото место не е победа, но тоа е најдоброто што можеме да го направиме во моментов. Но јас сум задоволен. Мислам дека на тимот му дадов доволно мотив и енергија за следната сезона. Не завршивме четврти во шампионатот за конструктори, но долго време се боревме со Alpine, кои беа одлични оваа сезона. Горд сум на тоа како се вративме по тешките трки на почетокот од сезоната, но ни требаат подобри резултати и сите веќе работат напорно на подготовките за следната сезона“.

2022 Abu Dhabi Grand Prix / ВОЗАЧИТЕ ЗА СЕБАСТИЈАН ФЕТЕЛ

2022 Abu Dhabi Grand Prix / POST RACE SHOW