Македонија е загрозена од различни загадувачи. Загадувањето на воздухот е едно од највисоките во Европа, големата количина отпад не се рециклира, се влошува квалитетот на водите, има прекумерна сеча на шумите, биодиверзитетот е загрозен од истребување, а климатските промени влијаат на производството на храна. Во ваквата растечка еколошка криза, јавните институции, бизнисите, граѓанските организации, медиумите и академскиот сектор треба сè повеќе да преземаат одговорност за своите постапки и да комуницираат за животната средина. На тој начин, ќе се подигнат свеста и разбирањето за сложените еколошки прашања, што, пак, ќе ја зајакне улогата на граѓаните и на организациите во зачувувањето на животната средина.

Ова беше кажано на конференцијата „Како да комуницираме за животната средина во растечката еколошка криза: практични искуства и нови перспективи“, која ја организираше Институтот за комуникациски студии, во Скопје.

Во воведното обраќање, Дејан Андонов, програмски координатор во ИКС, изјави дека ефективната комуникација може да помогне во застапувањето за политиките, промената на однесувањето кај луѓето, решавањето на конфликтите и донесувањето на законите во областа на животната средина.

– Комуникацијата за животната средина опфаќа многу нешта: известување за поплави или за пластичен отпад во локалните речни корита; граѓански ангажман и активизам против нова електрана или „рударење“; вклучување на јавноста во носењето на одлуките за животната средина; преземање одговорност за заштита на животната средина од страна на компаниите; политичка реторика и комуницирање на научните сознанија. Затоа, ајде да зборуваме повеќе за животната средина! Бидејќи вклученоста на граѓаните во управувањето и заштитата на природните ресурси, во голема мера, зависи од нивното ниво на свесност за еколошките прашања – изјави Андонов.

Претседателот на Меѓународната асоцијација за комуникација за животната средина, Стив Депо, вели дека, од една страна, е реторика што ги поддржува прекумерното искористување на ресурсите и профитот и е скептична кон науката и одржливоста, а, од друга страна, се оние што зборуваат за климатските вонредни состојби и за егзистенцијалните закани со емоции на гнев и страв. Многу помалку е застапена реториката за животната средина заснована на научно толкување и значење.

Важно е активистите, јавните службеници, научниците, новинарите и професионалните комуникатори да умеат правилно да ги адресираат, истражуваат, објаснуваат и да ги шират информациите за еколошките проблеми до широката публика. Во оваа насока, Диме Меловски од Македонското еколошко друштво го пренесе искуството со афирмирањето на заштитата на балканскиот рис во јавноста, но и како може да се користат природните симболи за национално брендирање.

– Пред 18 години, започна најдологорочната програма за закрепнување на балканскиот рис. Податоците што ги добивме со заловувањето на рисовите, ни помагаат во изработката на акциските и на конзерваторските планови за заштита на рисот, а следната етапа ќе биде насочена кон засилување на генетиката на рисот – изјави Меловски.

Природните ресурси треба да се третираат така што светот ќе може да ги задоволи потребите на сегашноста, без да се загрозат идните генерации да ги задоволат своите потреби.

– Ни требаат идни генерации што ја разбираат оваа проблематика и што ќе имаат развиена свест. Ние се обидуваме да им ги претставиме еколошките проблеми на разбирлив начин за да избегнеме да се јави кај нив екоанксиозност, кога не знаат како треба да постапат во врска со овие горливи проблеми. Предизвиците со животната средина бараат заеднички настап и на граѓаните и на институциите и ние се обидуваме да им го објасниме тоа за да знаат младите каде и како може да реагираат – кажа Мила Јовановска од „Гоу грин“.