САД: Изборите во Белорусија се лажни, се одржаа во атмосфера на страв

САД-Изборите-во-Белорусија-се-лажни-се-одржаа-во-атмосфера.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







САД ги осудуваат „лажните“ парламентарни и локални избори на режимот на Александар Лукашенко, кои вчера се одржаа во Белорусија во „атмосфера на страв во која ниту еден изборен процес не може да се нарече демократски“, соопшти Стејт департментот.

Режимот продолжува да држи повеќе од 1.400 политички затвореници, сите независни политичари се или во притвор или во егзил, а на сите независни политички партии им беше одбиена регистрацијата, се вели во соопштението за печатот објавено на веб-страницата на Стејт департментот.

Исто така, се вели дека Белорусите кои живеат во странство може да гласаат само ако се вратат во Минск, каде што „најверојатно ќе се соочат со репресалии“ од режимот. Дополнително, „режимот ја спречи Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да ги набљудува изборите, дополнително ограничувајќи ја транспарентноста која е од суштинско значење за слободни и фер избори“.

„САД ја препознаваат силата, издржливоста и храброста на белоруското граѓанско општество и демократското движење, кои бараат глас во одредувањето на иднината на нивната земја. САД уште еднаш го повикуваат режимот на Лукашенко да ја прекине својата репресија, да ги ослободи сите политички затвореници и да отвори дијалог со своите политички противници. Белорускиот народ заслужува подобро“, се нагласува во соопштението.

Во Белорусија вчера се одржаа парламентарни и локални избори на кои граѓаните избраа 110 пратеници во националниот парламент и околу 12.000 членови на локалните собранија. Изборната комисија во Минск по затворањето на гласачките места соопшти дека изборите поминале без инциденти и дека излезноста била 72,98 отсто.

На гласањето во неделата, Лукашенко рече дека планира повторно да се кандидира за претседател во 2025 година. Лидерката на опозицијата во егзил Светлана Тихановскаја повика на бојкот на изборите. „Денешните таканаречени избори на белорускиот режим не исполнуваат никакви демократски стандарди, тие се повеќе како воена операција против сопствените граѓани, уставот и здравиот разум“, објави таа на „Икс“.

„Ги повикувам Белорусите и меѓународната заедница категорично да ја отфрлат оваа измама“, објави таа на англиски, заедно со придружниот видео клип, исто така на англиски јазик. Во август 2020 година, претседателот Лукашенко, кој е на функција од 1994 година, беше прогласен за победник на претседателските избори. Опозицијата, пак, ја виде Тихановскаја како вистински победник.

ЕУ, исто така, повеќе не го признава Лукашенко за шеф на државата. Во неделите по изборите имаше масовни протести, кои беа сурово задушени од моќниот државен апарат. Тогаш беа уапсени повеќе од 35.000 луѓе. Се верува дека Лукашенко е целосно зависен од Русија и од лидерот на Кремљ Владимир Путин.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK