Реал со пресврт во финишот во финалето на Лигата на шампионите

Фудбалерите на мадридски Реал се пласираа во финалето на Лигата на шампионите откако на својот стадион „Сантијаго Бернабеу“ со пресврт го совладаа Баерн со 2:1, откако на првиот меч во Минхен немаше победник 2:2.

Водството на Баварците им го донесе Алфонсо Дејвис во 68. минута, но двојниот стрелец Хоселу во самиот финишт од дуелот во 88 и 90+1. минута му донесе победа и финале на Реал. Во финалето на лондонски „Вембли“, Реал ќе игра против Борусија Дортмунд, која ден претходно го победи ПСЖ со вкупни 2:0.

Со чудесен пресврт со два гола во последните минути Реал успеа уште еднаш да се пласира во финалето на Лигата на шампионите. Баерн водеше со 1:0 до 88. минута и неверојатната грешка на голманот Мануел Нојер, по што шокираните Баварци примија уште еден гол. Сето тоа навистина наликуваше на големото финале во Лигата на шампионите во 1999 година, кога Баерн, исто така, загуби со 2:1 од Манчестер Јунајтед, откако во судиското продолжение влезе со водство од 1:0.

Дани Карвахал се врати во стартната постава на Реал Мадрид за да се соочи со Баерн Минхен и тоа беше единствената промена што ја направи Карло Анчелоти. Од страната на Баерн, Томас Тухел реши да го стави младиот Александар Павловиќ, кој минатата недела го прослави својот 20-ти роденден, на местото на Леон Горецка во средниот ред покрај Конрад Лајмер. Во централната одбрана заедно со Англичанецот Ерик Диер се врати и Холанѓанецот Матијс де Лихт кој не играше на првиот меч на „Алијанц Арената“ во Минхен, а Серж Гнабри се разигра и доби предност пред искусниот Томас Милер.

Чудо е што Реал не поведе во 13. минута кога ударот на Винисиус Жуниор го одби во стативата голманот Мануел Нојер, а Родриго беше на одбиената топка, но Нојер повторно одбрани. Во 28. минута Хари Кејн упати малку неочекуван, но многу прецизен волеј од 15 метри, но голманот на Реал, Андриј Лунин, со одлична одбрана го спречи. Во 39. минута трета одлична одбрана на Нојер, кој сопре опасниот и прецизен удар од кос агол на Винисиус.

Тоа беше сѐ во првиот дел, кој не беше неинтересен, но впечаток е дека двете екипи играа со задршка.

Вториот дел започна кога Алфонсо Дејвис, чиј удар со лизгачки старт се обиде да го блокира Начо, а топката мина само над гредата. Во 55. минута Винисиус додаде уште еднаш, нафрли до сонародникот Родриго, но ударот на Бразилецот само ја „лизна“ стативата. Родриго се обиде уште еднаш од слободен удар, но Нојер одбрани, како и опасниот удар на Винисиус по соло продор.

А потоа, кога се чинеше дека Кралскиот клуб е супериорен, Баерн поведе од контра. Кејн го пронајде Дејвис, а Канаѓанецот од десет метри дијагонално биеше во спротивниот агол. Во 73. минута Реал израмни, но ВАР-от го поништи голот, за на крајот Анчелоти да ги внесе сите свои напаѓачи во игра.

Замената Хоселу го израмни резултатот по големата грешка на Нојер во 88. минута. Винисиус упати слаб удар кој ја погоди главата на изненадениот голман, кому му падна топката, а Хоселу натрча и лесно ја смести во мрежата. Во 91. минута дојде до целосен пресврт, а по долгата акција на Реал нафрли Рудигер, а Хоселу непречен во средината постигна уште еден гол. Тој гол го проверуваше ВАР-от, а на „Бернабеу“ во екстаза ја дочека позитивната одлука.