Search

Среќен роденден, ХОПС!

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје одбележа 25 години постоење. По четврт век постоење, ХОПС има воспоставено три активни дневни центри: Дневен центар за намалување на штети од употреба на дроги, Дневен центар за ресоцијализација на жени во социјален ризик со потреба од ресоцијализација и Дневен центар за рехабилитација и реинтеграција на луѓе кои се соочуваат со зависност.

Трн:Кои се најголемите постигнувања на вашата организација во текот на последните 25 години?

Хопс: Ние сме горди на тоа што на годишно ниво над 1000 граѓани на Македонија им овозможуваме огромен број на бесплатни здравствени , социјални, психолошки и правна услуги. Горди сме што успеавме нашата програма за намалување на штети од употреба на дроги да стане национална политика и е дел од сите здравствени и социјални стратегии на Владата еве повеќе од 15 години. Како резултат на нашите програми кои ги развивме во 13 градови низ Македонија ние денес немаме експанзија на ХИВ случаи меѓу луѓето кои употребуваат дроги . Како наш успех си го броиме и промената на кривичниот закон со кој се декриминализираше поседувањето на дрогите за лична употреба. Нашата работа беше препознаена и на глобално ниво и во 2010 година ја добивме наградата за ХИВ/СИДА и човекови права која се доделува на една организција во цел свет. Има уште многу работи но за нив нека зборуваат нашите корисници на услугите, нашите партнери и соработници.

Трн: Кои беа најголемите предизвици што вашата организација ги искуси во борбата против ХИВ, и како успешно се справи?

Хопс: Еден од најголемите предизвици беше да ги убедиме политичарите и носителите на одлуки да ги подржат нашите програми за превенција на ХИВ. Кон крајот на 90-те и почетокот на 2000-те нашите програми не беа добро прифатени ниту од политичарите ниту од институциите. Како и за секоја нова и пионерска работа наидовме на многу пречки. Сепак тој период го надминавме , сега имаме поддршка од сите но предизвиците не се завршени. Последните 3 години постојано ни се намалуваат финансиските средства од Владата и веќе сме на границата на опстанокот. Ако не се промени оваа пракса спремни сме и на порадикални чекори.

Трн: Какви програми и активности вашата организација ќе има во текот на годишнината за да го обележи овој значаен јубилеј?

Хопс: Имаме повеќе активности. Главниот настан е на 18 април , каде во Јавна Соба ќе го прославиме роденденот заедно со нашите партнери и соработници и ќе бидат доделени признанија на оние кои преку својата посветена работа особено придонеле за поддршка на ХОПС во остварување на визијата и мисијата.

Организираме повеќе донаторски настани со цел да собереме финасиски средства за корисниците на нашите услуги. Затоа ги повикувам вашите читатели да ја поддржат нашата работа за заштита на најранливите сограѓан(к)и чии животни приказни не водеа овие 25 години и да помогнат со било каква донација .

Трн: На каков начин вашата организација соработува со други институции и невладини организации за подобрување на здравствената заштита и правата на луѓето ?

Хопс: ХОПС е организација која четврт век континуирано гради успешни партнерства и соработки со институциите кои се надлежни за одлучување во овој сектор како и со најголемиот дел од граѓанските организации кои работат на унапредување на здравствената и социјалната заштита. Навистина, некогаш соработката зависела од политичката волја во надлежните институции, меѓутоа ХОПС како непартиска и искусна организација за застапување успевала и покрај вакви одредени бариери успешно да застапува за унапредување на здравјето и социјалната заштита. Најважно е што како организација најчесто кога застапуваме не го правиме тоа изолирани и сами, туку заедно со сродните и партнерски организации преку Платформи, Мрежи и Коалиции застапуваме за постигнување на овие цели. ХОПС е иницијатор и основач на неколку вакви вмрежувања како Платформата за заштита од ХИВ, Мрежата за заштита од дискриминација, Коалиција Маргини, Македоската мрежа за намалување на штети и секако неформалната мрежа на пациентски здруженија.

Трн: Што би издвоиле како позначајни од овие соработки?

Хопс: Од областа здравство посебно би ја издвоиле соработката со сродните партнерски организации здружени во Платформата за одржливост на сервисите за заштита од ХИВ во која сме здружени 14 граѓански организации од цела Македонија и преку која успеавме да спроведеме успешна транзиција на финансирањето на програмите за заштита на населението од ХИВ од Глобалниот фонд на државна финансиска поддршка. Ова беше ретко успешна приказна во регионот секако, но и пошироко, која како таква беше промовирана. За жал како што споманавме и претходно последните три години финансиската подршка од владата се намалува и од ретко успешна приказна сега сме во ризик да станеме негативна приказна заради опасноста од затворање на програмите. Сепак, нашата соработка во оваа Платформа продолжува и понатаму и не се откажуваме од нашата борба за одржливост на сервисите за превенција од ХИВ. Исто така можеме да ја издвоиме здружувањето во неформалната платформа за декриминализација на канабисот, преку која платформа, а особено преку заедничкото застапување на ХОПС и Коалиција Маргини успешно се декриминализира поседувањето на психоактивни супстанции за лична употреба, кога во февруари 2023 година беа усвоени измените на Кривичниот Законик за членот 215 кога јасно беше наведено со нова одредба во овој член дека поседувањето на психоактивни супстанции и наркотични дроги за лична употреба не се смета за кривично дело. Ова е огромен успех за луѓето кои потребуваат дроги кои веќе нема да бидат кривично прогонувани заради тоа што употребуваат дроги, а државата и органите на прогонот ќе имаат повеќе ресурси да се посветат на гонење на вистинските дилери кои се занимаваат со недозолена трговија со дроги, што секако е во согласност со Европската и нашата Националана стратегија за контрола на опојни дроги.

Трн: Кои се вашите главни приоритети и стратегии за идните години во полето на заштита на основните човекови права и слободи?

Хопс: Согласно нашата важечка стратегија која истекува оваа година главни приоритети ни беа оддржување и унапредување на постоечките услуги кои ги обезбедуваме за нашите корисници, но и развивање на нови услуги согласно потребите на целните групи. Оваа стратешка цел дефинитивно ќе продолжи и во следниот период, а посебен фокус ќе има на одржување на постоечките услуги за намалување на штети од употреба на дроги и превенција од ХИВ, потоа развивање и унапредување на социјалните услуги кои ги обезбедуваме во заедницата. Во фокус и понатаму ќе ни останат луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства, сексуалните работнички и нивните семејства, но секако посебно ќе се посветиме кон воспоставување на услуги за жени во социјален ризик во која група влегуваат и овие две подгрупи на жени. Во план ни е повторно воспоставување на услуги за деца во социјален ризик, како и повторно воспоставување на услуги во Општина Шуто Оризари, кои за жал ги сведовме на минимум со огормните финсиски кратења кои се случија во програмата за превенција од ХИВ. Исто така неопходно е воспоставување на нови услуги за намалување на штети од употреба на дроги кои одговараат на моемнталните трендови на употреба на синтетички и стимулативни дроги.

Во однос на застапување за стратешки промени во општеството со цел унапредување правата на граѓаните особено на маргинализираните заедници, секако ќе продолжиме да застапуваме за примена на одредбата за декриминализација на поседувањето на дроги за лична употреба вопракса. Исто така остануваме посветени на застапување за декриминализација на сексуалната работа како единствен модел преку кој од една страна ќе се обезбеди еднаквост и почитување на правата на овие маргинализирани и стигматизирани жени, а од друга страна ќе овозможи заштита од родово базираното насилство кое им е секојдневие. Во однос на родовата еднаквост и заштитата од родово базирано насилство дефинитивно и во следниот период ќе останеме фокусирани на тоа и жените од маргинализираните заедници да уживаат родова еднаквост и слобода од сите форми на насилство. Многу важна заложба за која гласно ќе застапуваме и во периодот кој следи ќе биде конечно да се подготват национални стандарди и национална програма за превенција од употреба на дроги и воспоставување во пракса на оваа програма. Секако има уште многу планови кои во новиот стратешки план детално ќе ги разработиме.

Трн: За какво општество се бори ХОПС?

Хопс: Визијата на ХОПС е јасна: ХОПС се бори за општество во кое на сите луѓе подеднакво им се почитуваат човековите права и слободи и уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба. И ние како организација дефинитивно нема да се откажеме од оваа визија се додека барем приближно не ја оствариме! Согласно визијата нашето мото е никој да не биде изоставен ( no one’s left behind)!

Трн: Каква сѐ поддршка нуди ХОПС и кому? Кој може да ви се обрати?

Хопс: ХОПС нуди поддршка првенствено на луѓето кои употребуваат дроги и кои се соочуваат со зависност од дроги, сексуалните работнички и други жени во социјален ризик и нивните семејства. Во посебен фокус ни се жените во социјален ризик во кој спаѓаат жени кои употребуваат дроги, сексуални работнички, жени кои издржуваат или издржале казна затвор, жени кои во моментот немаат постојано живеалиште, жени жртви на родовобазирано насилство, трансродови жени и други жени во социјален ризик. Исто така сакаме посебно да истакнеме дека имаме развиено и посебни услуги за деца во социјален ризик со посебен фокус на деца на корисниците на нашите услуги, деца на улица, деца во судир со закон и деца без родители и родителска грижа.

ХОПС преку дневните центри и теренските тимови ги нуди следните услуги:

– делење на стерилна опрема за инјектирање

– Собирање и согорување на искористена опрема за инјектирање на дроги

– Базичен медицински третман на рани од долготрајна и неправилна употреба на дроги

– ХИВ тестирање

– Во соработка со други организации обезбедуваме и бесплатни гинеколошки услуги, како и бесплатни лекарски прегледи,

– Психолошки, психијатарски услуги и психотерапија

– Социјална помош и поддршка ( поддршка за вадење на лични документи, остварување на социјални и здравтвени права, помош при остварување на домување, помош и поддршка при вработување, материјална помош, храна, одржување на лична хигиена за жени во социјален ризик и сл.)

– Бесплатна правна помош

– Работилници за креативно изразување

– Едукативни работилници за деца

– Културно забавни активности за деца со поддршка од донатори и соработка со други организации

– Други услгуи согласно потребите на клиентите

Важно е да се напомене дека нашите тимови кои ги обезбедуваат овие услуги се мултисекторски, односно на едно место корисниците може да добијат повеќе различни услуги. Имаме три дневни центри и тоа: Дневен центар за намалување на штети од употреба на дроги „Дуња“ во Кисела Вода, Дневен центар за поддршка на жени во социјален ризик „Пролет“ во Центар и Дневен центар за рехабилитација и реинтеграција на луѓе кои употребуваат дорги „ЦРР“ во Центар. Исто така имаме и теренски активности за намалување на штети во Кисела Вода, Шуто Оризари но и низ цела територија на Скопски плански регион.

На прашањата на трн одговораа Влатко Деков и Хајди Штерјова Симоновиќ од Хопс.

Најново

Последни колумни