Имам нешто да те прашам

Иван Јованов – Либеро Бенд: 2023-та можам да ја ставам во фолдерот “успешни години” (Фото+Видео)

Тој и неговиот бенд се најбарани во Македонија. Велат нивните забави се неповторливи и незаборавни. За него оваа 2023-та година е една од најуспешните, новогодишната еуфорија и да не ја чувствува бидејќи со секојдневните настапи секоја вечер е Нова година. Едноставните и малите нешта го прават среќен, а за следната година има многу професионални планови.

Почитувани читатели, во серијалот новогодишни интервјуа само за вас, вокалот на еден од најдобрите македонски бендови – Либеро Бенд, Иван Јованов.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Па можам да кажам дека 2023-та година беше полна со изненадувања, како на професионален, така и на приватен план. Нов хит, многу настапи, веста дека ќе станам татко… Вкупниот впечаток е дека 2023-та можам да ја ставам во фолдерот “успешни години”.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Имаше интересни хитови, сите мои колеги вредно работеа, па не би можел да одвојам само една единствена песна.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Искрено немам таков проблем. Презафатеноста со настапите не ми остава простор да се впуштам во еуфоријата околу празниците. Мене цела година ми е еуфорична 😊, а овој период околу празниците го доживувам како и сите останати денови.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Најчесто подарувам на најблиските, на оние кои добро ги познавам, а едноставно е да одбереш за нив. Го подарувам она што јас би сакал да го добијам на подарок, не калкулирам многу.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Денес е среќа да се разбудиме живи и здрави, во ова време – невреме, можеме само да му бидеме благодарни на Бога за тоа што го имаме. Едноставните моменти и малите нешта треба да ни бидат мотивација за среќа. А на прашањето дали стимулирам убаво расположение!? Мислам дека е беспредметно да дискутираме на оваа тема, мене животната определба ми е да стимулирам убаво расположение.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Не постои нешто за кое едноставно кажано – се каам. Секој треба да стои зад своите постапки и колку и да биле погрешни да успее да извлече само добра лекција од тоа, за да случајно не ги повтори грешките во иднина.

Музика24: Која песна, или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Доколку очекувате одговорот да биде: “All I want for Christmas is you”, ќе морам да ве разочарам 😊 Најчесто потпевнувам стари македонски песни, оние кои не ни се на репертоарот на нашите свирки со Либеро Бенд.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Хахаха, мир за сите луѓе во светот, да нема гладни деца и да се намали глобалното затоплување. Со останатото некако ќе се справиме 😊

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Плановите се веќе некако поставени. Целата следна година ни е речиси букирана вклучително и Нова година 24-25. Малку повеќе ќе патуваме надвор од земјата. Ќе бидеме неколку месеци на турнеја низ Австралија, ќе имаме настапи во Швајцарија и во Шпанија како и во уште неколку други земји, кои не би ги откривал сега.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Новата година ќе ја дочекам работно, со целодневен и целовечерен настап заедно со мојот бенд.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Да сме живи и здрави, вредни и успешни, секој да си го гледа својот живот, помалку да се грижиме за туѓите животи.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Иван Јованов – Либеро Бенд: Во Новата година радувајте се на малите нешта, инспирирајте среќа, бидете здрави и сакајте се!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: