Ибраими: Бодовите утре против Тиквеш се многу поважни од тоа дали јас ќе постигнам гол

Бесарт Ибраими игра во исклучителна форма пролетва, на последните шест натпревари постигнувајќи исто толку голови за шампионот Струга ТЛ. Но, по неочекуваниот домашен пораз од Силекс, јасно е дека за него бодовите се повеќе важни отколку индивидуалните постигнувања.

Затоа, како што вели, сака неговите голови да значат и победа за неговиот тим кој утре во 30. коло од Првата македонска фудбалска лига го очекува гостувањето против Тиквеш во Кавадарци.

„Тиквеш покажа дека е многу добар противник, но нашата крајна цел се три бода. Ветувам дека на овој натпревар ќе го дадеме најдоброто од себе од секој аспект, за да се вратиме победнички по тој неочекуван пораз викендов од Силекс“ – вели Бесарт Ибраими.

Струга ТЛ ја очекуваат последните четири натпревари во битката за одбрана на трофејот.

„Секој од последните четири натпревари за нас се како финале. Свесни сме за ова и за вредноста на бодовите. Сепак, фокусот е само на секој следен натпревар. Најважно е да бидеме како семејство, единствени во желбата на крајот да дојдеме до нашата цел“.

Шест гола на последните шест натпревари… Дали овој тренд ќе продолжи и на мечот со Тиквеш?

„Тоа е позитивен ефект, без сомнение. И јас, но и целиот тим, поминуваме убави моменти кога головите се во прашање. Се надевам дека ќе продолжиме со ова темпо и утре ќе ја продолжам добрата форма против Тиквеш. Ако успееме да дојдеме до трите бода, тоа би било многу поважно од моите постигнати голови“ – истакнува Ибраими.

Се вчитува...