Македонските граѓани и натаму им веруваат на банките и своите депозити им ги доверуваат на чување, покажува Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2023 година на Народната банка. Лани депозитите во банките пораснале за 9,2%, најмногу благодарение на средствата од домаќинствата, иако и депозитите од претпријатијата го забрзале растот.

– Преку инструментот за задолжителна резерва Народната банка придонесе за раст на склоноста на депонентите за чување на своите средства во денарските депозити, чиј годишен раст е неколкукратно повисок во споредба со зголемувањето на девизните депозити, при што кај домаќинствата растот на депозитите во денари изнесува 11,8% наспроти 4,4% во странска валута, додека кај корпоративниот сектор 15,8% наспроти 8,2%. Дополнително, позитивни придвижувања има и во однос на рочноста на депозитите, при што долгорочните депозити, по подолг период на намалување, во 2023 година забележаа раст со стапка од 25,7%, највисока во последните десетина години – известија од Народната банка.

Оттаму посочуваат дека и покрај повеќето шокови, кредитното портфолио на банките е со солиден квалитет, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на ниво на историскиот минимум.

– Адекватноста на капиталот на банките во 2023 година достигна нивоа кои се највисоки во изминатите 17 години и на крајот од годината изнесува 18,1%, што е суштински за задржувањето на стабилноста при соочувањето со евентуалните ризици. Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој што треба да го одржуваат банките, со што се очекува натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем – велат од Народната банка.

Се наведува дека мерките и политиките на Народната банка, спроведени минатата година, овозможија успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и справување со инфлацијата, којашто од највисокото ниво од 19,8% во октомври 2022 година, се сведе на 3,6% на крајот на 2023 година, без притоа позначително да се загрози реалната економија и финансиската стабилност.

– Во 2023 година Народната банка продолжи со постепено зголемување на основната каматна стапка до нивото од 6,3%, а истовремено направи и промени во макропрудентната политика, како и кај инструментот на задолжителна резерва, кои дополнително го поттикнаа штедењето во домашната валута, односно доведоа до поголема „денаризација“.