Search

Режисерот Васил Христов со „Хеда Габлер“ во Драмски театар Скопје

Вчеравечер, Драмскиот театар во Скопје се претвори во сцена на емоции, рефлексии и предизвика многу дебати со премиерата на претставата „Хеда Габлер” од Хенрик Ибзен. Ова не е обична претстава, туку едно врвно уметничко и еманципирачко  искуство што ги предизвикува сетилата и ја подигнува свеста за многу општествени проблеми.

„Хеда Габлер” не само што ги поттикнува размислувањата за женските права и рамноправноста, туку исто така пренесува важни пораки за женско освестување. Преку портретот на главната хероина, публиката се запознава со прашања кои се суштински за современото општество – од борбата за автономија и самоизраз до предизвиците што ги ставаат психичките проблеми и проблемите со менталното здравје.

Оваа претстава не само што го отвора дијалогот за важните теми, туку и ги предизвикува гледачите да се вклучат во активно размислување и ангажирање за поддршка и помош на сите кои се соочуваат со слични предизвици и борби. Нека „Хеда Габлер” биде не само претстава, туку и поттик за акција и поддршка, воведувајќи не во свет на разликите и предизвиците на секојдневието, туку и во светот на споделување и заедничко разбирање.

Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов, а костимите се на Розе Трајчевска-Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула, а ликовите на госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

Поразговаравме со режисерот Васил Христов, Сања Арсовска и Владимир Петровиќ за нивните впечатоци околу играта, длабоките теми и начинот на перцепција на суштинските работи.

Главната порака заради која се поставува оваа претстава во Драмски театар е за да им се даде глас на радикалните феминисти, вели Васил Христов, режисер на драмата „Хеда Габлер“, која вчеравечер имаше премиера во Драмски театар Скопје.

Трн: Дали жената во македонското општество ја гледате како што ја донесе Сања во претставата?

Васил: Секако, и тоа не само во Македонија, туку и воопшто во светот. Женското прашање за жал и тоа како е актуелно и нерешено.

Трн: На неколку пати во претставата главната хероина повторува Тесман, Габлер. Дали е растргната меѓу двете презимиња, на таткото и на сопругот?

Васил:Да, буквално тоа и на крај се кажува на некој начин, дека тоа се однесува на нечива припадност, значи жената му припаѓа на сопругот, тоа провејува и во текстот. Сопругот Јирген и вели на Хеда Габлер: Среќен сум што те поседувам, така што ние сакавме тоа да одѕвони во ушите на публиката.

Трн: Ѕвонеше и една друга реплика: Дека не е кукавица…

Васил: Да, дека има право да си ја бара слободата и да биде ослободена од стегите на патријархалното општество.

Трн: Ибзен донел револуција со поставување на ова дело во 1890 година, но оттогаш па наваму дали има некаков прогрес во однос на положбата на жената во општеството, семејството и слично?

Васил: Теоретски да, има огромен прогрес, меѓутоа практично феминизмот не се сведува само на основните човекови права и слободи, се однесува повеќе философски на системот на размислување кој е се уште машки тоест бинарен. Историјата е така пишувана и така се учи, компјутерите работат бинарно итн…Дури сега во оваа ера почнува да се применува вештачка интелигенција која е базирана на женската интелигенција по прв пат, која не е бинарна, туку е повеќеслојна.

Трн: Во тоа време кога го прашале Ибзен дали е феминист поставувајќи ја оваа претстава, тој рекол дека не е, туку дека е хуманист. Вие како се доживувате?

Васил: ЈАС СУМ АКТИВЕН ФЕМИНИСТ!

Трн: Која е иронијата на Хеда Габлер? Таа доста умешно манипуира со сите околу неа, таа има моќ над нив, ама нема над себе…

Васил: Така е. Ибзен на времето е обвинет дека напиша дело без теза, само за да покаже зла жена, дека не знаел што сака. Но, во суштина обратно е. Таа не сака да влијае врз нечија судбина, таа сака да има моќ над целиот свет, што е нормална амбиција за било кој човек, маж. Да биде активен учесник во општеството. Таа е под влијание на нејзиниот татко, кој бил генерал и оставил големи трауми од детството кој потоа ја прогонуваат цел живот. Таа негова моќ таа сака да ја има. Ама е жена, и не може да биде генерал.

Трн: Двата женски лика во претставаат се сосема различно прикажани. Дали тоа беше намерата?

Васил: Да, меѓутоа Теа се обидува да се реализира преку дело, кое што го создава прв пат, ама за жал тоа се уништува.

Она што се потрудивме околу претставата е покрај Хеда кој е централен лик да им дадеме живот и тежина и на останатите ликови и сите да имаат посебна историја и развој на ликот. Бидејќи во суштина современата психолошка драма е тоа.

Мислам дека една од значајните пораки е дека треба да се обрне повеќе внимание на оние што се однесуваат и чувствуваат различно од оние традиционални норми да им се обрне повеќе внимание, потенцира Сања Арсовска која го глуми централниот лик, Хеда Габлер.

Трн: Централниот конфликт кој го има Хеда Габлер во претставата е сама со себе, не е задоволна од ништо и постојано и е досадно. Дали сметаш дека денешната жена токму така се чувствува?

Сања: Еманципираните жени не, ама жените кои живеат во потрадиционаните и поконзервативните средини сигурно ама сепак мислам дека досадата е еуфемизам за нешто подлабоко, за една подлабока психичка состојба или депресија, растројство кај жената, која е деструктивна и манипулативна, но тоа е одбрамбениот механизам затоа што е немоќна да се справи со себе таа ги мрази сите околу себе.

Трн: Зошто е љубоморна Хеда на Теа?

Сања: Можеби затоа што Теа е реализирана за разлика од Хеда. Можеби поради тоа што Јирген никогаш не се грижи за Хеда како што се грижи за својата сестра Теа, можеби затоа што знае што сака..Има многу причини да биде љубоморна на неа, нејзиниот бивши љубовник е заљубен во неа, нејзиниот сопруг се грижи за неа и обрнува внимание и најважното е тоа дека Теа е жена која пишува, која се реализира. Психичката состојба на жената тогаш се третирала многу различно од сега, таквото однесување

Траумата која и се случило во детството на Хеда ја форматирал понатаму како човек и влијаела на целокупната психичка состојба, презимето Тесман го користи во иронија.

Трн: Која е пораката? Што сака да каже на светот Хеда Габлер?

Сања: Мислам дека една од значајните пораки е дека треба да се обрне повеќе внимание на оние што се однесуваат и чувствуваат различно од оние традиционални норми да им се обрне повеќе внимание, да речеме доклку сопругот на Хеда, Јирген ако и обрнуваше повеќе внимание на нејзината психичка состојба и не ја доживува само како трофј ,туку ја доживува како човек од крв и месо, тогаш можеби таа ќе завршела поинаку. Пораката е тоа аларм за луѓето кои се однесуваат различно можеби имаат некаков проблем и треба да бидат разбрани

Јирген, сопругот на Хеда Габлер, кој го гуми актерот Владимир Петровиќ, е претставен како еден божем наивен лик и доста површен, кој е во голема мера виновен за судбината на Хеда.

Трн: Јирген е претставен како површен лик, дали сметаш дека кај нас дел од мажите се сѐ уште такви?

Владимир: Ние во овој случај портретиравме еден лик во кој сигурно ќе се препознаат дел од гледачите. Јирген е еден амбициозен лик кој добива работи коишто не ги заслужува. Во суштина тој ја има жената која што не ја заслужува, ја добива работата која што не ја заслужува,тој е доста тажен лик кој ги користи луѓето околу себе за да просперира напред во животот и тоа е на некој начин може и да се портретира како лик од едно деструктивно општество. Дали се кај нас мажите такви? Сигурно дека има вакви мажи кај нас.

Трн: Дали Јирген свесно го премижува флертувањето на Хеда со сите негови пријатели?

Владимир: Мислам дека не е свесен за тоа, мисла дека Хеда Габлер доста добро го манипулира него, а и да се случи нешто такво овој лик би премижал бидејќи важно му е да ја има Хеда Габлер, тоа е на некој начин жена трофеј, моќ. Сѐ да му се склопи во животот, да ја има најубавата жена, да живее во најголемата куќа, да биде професор на факултет. Веројатно ќе се препознаат многу луѓе во мојот лик.

Трн: Дали мислиш дека овие љубовни триаголници или четириаголноци се уште се премижуваат и во ова време?

Владимир:Да, некои луѓе се спремни на сѐ.

Трн: Како влијаеше оваа улога на тебе?

Владимир:Гледам да проникнам во сржта на секој карактер колку и да е различен од мене и мојата природа. Секој од нас има спектар на личноста и во еден одреден дел одредени ликови би се пронаоѓале. Јас лично во овој лик многу не се пронаѓав, исто како не се пронаоѓам во ликот на Ханибал Лектор, ама имаат влијание улогите кои ги играме.

Трн: Што те научи овој лик?

Владимир:Ништо конкретно, јас се забавував многу со овој лик.

Најново

Последни колумни