Ракометната магија во Охрид остави навивачи со билет пред „затворени врати“ – ГРК Охрид јавно се извини

Десеттото коло од Суперлигашкиот плеј-оф донесе суперинтересен натпревар во Охрид каде истоимениот домашен тим го пречека Еурофарм Пелистер во натпревар кој предизвика голем интерес на публиката. „Билјанини избори“ беше исполнета до последно место, но голем број на навивачи кои имале купено билет остана пред салата.

По тој повод ГРК Охрид се огласи со соопштение на социјалните мрежи, образложувајќи ја причината, но и извинувајќи им се на навивачите кои остана пред затворените врати на „Билјанини извори“.

Соопштението на ГРК Охрид ви го пренесуваме во целост:

„ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ!
Почитувани,
На ниту еден натпревар на кој ГРК ОХРИД бил организатор досега не се јавил организациски проблем, па поради тоа сите Вие симпатизери коишто купивте карта за натпреварот помеѓу ГРК ОХРИД и РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР, а не бевте во можност да го следите истиот во живо во СРЦ БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ, клубот длабоко Ви се извинува поради таквиот организациски пропуст.

По претходно укажување на редарските служби и службите при Министерството за внатрешни работи, а и од причина што натпреварот беше прогласен за меч од висок ризик, беше одлучено да се затворат вратите од спортската сала на половина час пред почеток на натпреварот.

Ве известуваме дека за преостанатите два натпревари од плеј-офот кои ГРК ОХРИД ќе ги одигра како домаќин против екипите на РК Пролет и ГРК Тиквеш, влезот ќе биде слободен за сите навивачи и симпатизери на ГРК Охрид.

ОХРИДЕ, Ви благодариме на Вашата поддршка во текот на целата сезона.
AVANTI LICHNIDOS“

Се вчитува...