Во услови на трговски тензии со ЕУ, Кси му рече на Шолц дека соработката не е „ризик“

Соработката меѓу Кина и Германија не е „ризик“, туку гаранција за стабилни врски и можност за иднината, изјави во вторникот во Пекинг кинескиот претседател Kси Џинпинг, во времето кога Европската унија се жали на кинеските производи кои ги преплавуваат европските пазари.

Индустриските и синџирите на снабдување на Кина и Германија се длабоко испреплетени, а нивните пазари се крајно меѓусебно зависни, му рече Кси на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во тридневна посета на Кина.

„Мораме сеопфатно да ги развиваме билатералните односи и да ги гледаме од долгорочна и стратешка перспектива“, рече Кси.

Ова е прва посета на Шолц на Кина откако германската влада лани започна стратегија за „намалување на ризикот“ за да избегне преголема зависност од кинеските добавувачи.

Неговата посета доаѓа во време кога ЕУ изразува загриженост поради заканата за европските компании од кинеските производи, вклучително и електричните возила и другите зелени технологии, кои ги преплавуваат пазарите во Унијата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се пожали на кинеската хиперпродукција, кое неправедно е поттикнато од „огромните“ владини субвенции.

„Кинескиот извоз на електрични возила, литиумски батерии и фотоволтаични производи не само што го збогати глобалното снабдување и го ублажи инфлацискиот притисок, туку и во голема мера придонесе за одговорот на климатските промени и трансформацијата со зелена и ниска емисија на јаглерод“, му објасни Кси на Шолц.

„(Германија и Кина) треба да бидат внимателни кога станува збор за растечкиот протекционизам, објективно и дијалектички гледајте на прашањето за производствените капацитети од пазарно ориентирана и глобална перспектива“, додаде Кси.

Шолц е внимателен кога станува збор за отиснувањето на Кина, важен пазар за Германија, велејќи дека ЕУ не треба да дејствува од протекционистички, личен интерес. Сепак, конкуренцијата меѓу Кина и Германија треба да биде фер, изјави Шолц во понеделникот во Шангај.

„Во одреден момент ќе има кинески автомобили во Германија и Европа. Едно нешто што секогаш мора да биде јасно е дека конкуренцијата секогаш мора да биде фер“, им рече Шолц на студентите од Универзитетот Тонги во Шангај.

„Со други зборови, дека нема дампинг (пласирање производи на пазарот по прениски цени), дека нема прекумерно производство, дека не се нарушуваат правата на интелектуална сопственост“, додаде Шолц.

Во неговата посета на Кина му се придружија и шефови на германски компании како што се Оле Калениус, шеф на „Mercedes-Benz“ и Оливер Ципсе, челник на BMW, кои ја истакнаа важноста на кинескиот пазар за најголемата европска економија.

Кинеско-германските економски врски не само што треба да се негуваат, туку и да се прошират, изјави шефот на „Mercedes-Benz“ за германската јавна телевизија ARD од Пекинг, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на германската позиција на кинескиот пазар.

Ципсе од BMW изрази сличен став за Кина, најголемиот трговски партнер на Германија, истакнувајќи дека неговата компанија гледа „повеќе можности отколку ризици“.

Кина и Германија имаат „огромен потенцијал“ за соработка во традиционалните области како што се машините и производството на автомобили, како и растечките полиња, вклучувајќи зелена трансформација и дигитална вештачка интелигенција, изјави Кси во друштво на Шолц.

Во врска со кризата во Украина, Кис ги повика сите страни да соработуваат за да се врати мирот што е можно поскоро и да се спречи конфликтот да излезе од контрола.

„Кина ги поддржува сите напори за мирно решение, како и одржувањето на меѓународна мировна конференција признаена од Русија и Украина со еднакво учество од сите страни, му рече кинескиот претседател на германскиот канцелар.