Во моментов бројката на лица со безбедносни сертификати изнесува 10 720 лица. Таа е поделена во три категории. Безбедносен сертификат за „државна тајна“ во моментов имаат 1 220 луѓе, до документи означени со „строго доверливо“ може да пристапат 6 500, а оние означени со „доверливо“ може да ги читаат 3 000 луѓе
Колку луѓе навистина имаат безбедносен сертификат во овој момент, е прашањето кое го обработува „Призма“ во најновата анализа откако изминатиов период повеќе пати сме сведоци дека безбедносните сертификати се споменуваат во обвинувањата помеѓу политичките опоненти во земјава.
„Како лице со документ за трајна неспособност поседува безбедносен сертификат?“ Неколку дена по ред, од партиската говорница во ВМРО-ДПМНЕ ова го прашува пратеникот Драган Ковачки. Тој алудира на документот што го објави, а со кој тврди дека премиерот Димитар Ковачевски, пред 22 години во воената евиденција е заведен како трајно неспособен за служење војска.
Во жестината на обвинувањата, премиерот Ковачевски му одговори на Ковачки, исто така, споменувајќи безбедносен сертификат. Во овој случај, обвинувањето е спротивно, дека Ковачки дезертирал од Армијата затоа што по влегувањето во НАТО знаел дека нема да го добие тој документ.
За несоодветното издавање безбедносни сертификати се зборуваше и кога министерот за надворешни работи, Бујар Османи го правдаше вработувањето на Бесмира Ејупи во Министерството, наведувајќи дека таа веќе имала безбедносен сертификат. Овој документ, кој обезбедува читање класифицирани информации, беше тема за меѓупартиски преписки и кога се објаснуваше отказот на поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Лани, ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес-конференции, на кои обвинуваше дека министри биле одбиени за НАТО сертификати.
На прашањето колку луѓе навистина имаат безбедносен сертификат во овој момент, „Призма“ наведува дека според одговорот од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, бројката постојано се менува, а во моментов таа изнесува 10 720 лица.
Оваа бројка е поделена во три категории.
Безбедносен сертификат за „државна тајна“ во моментов имаат 1 220 луѓе, до документи означени со „строго доверливо“ може да пристапат 6 500, а оние означени со „доверливо“ може да ги читаат 3 000 луѓе. За пристап до класифицирани информации означени со степенот „интерно“, пак, воопшто не се врши безбедносна проверка и не се издава безбедносен сертификат.
„Највисокиот степен на класификација е државна тајна, а од дирекцијата појаснуваат дека во оваа бројка спаѓаат и тие што имаат НАТО сертификати, зашто вообичаено тие што ги добиваат имаат и национална дозвола за пристап до државни тајни“,
пишува „Призма“.
Што е, пак, државна тајна, пишува понатаму во анализата, одлучуваат претседателот на државата, првиот човек на Собранието, премиерот, претседателите на Уставниот и на Врховниот суд, министрите, јавниот обвинител, началникот на генералштабот, директорите на Агенцијата за национална безбедност, на Оперативно-техничката агенција, на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.