Раскалашниот живот на уапсениот руски министер и неговата сопруга

Парот се возеше со „ролс-ројс“ во Сан Тропе и плати 850.000 евра за изнајмувење вила. Сопругата Светлана купуваше дијаманти во Париз додека руската војска војска го уништуваше Мариупол


Тимур Иванов и сопругата Светлана се возат по реката Москва

 

Заменик-министерот за одбрана на Русија, Тимур Иванов, човек на листата на „Форбс“ како еден од најбогатите луѓе во рускиот безбедносен естаблишмент, е уапсен и обвинет за примање мито и му е одреден притвор од страна на московскиот суд. Иванов, кој ги негира обвиненијата, е обвинет за примање поткуп „во особено големи размери“. Назначен за заменик-министер за одбрана во 2016 година, 47-годишниот Иванов беше одговорен за воените инфраструктурни проекти на Русија.

Иако активистите долго време ја критикуваа наводната корупција на високо ниво во Русија, ваквите случаи – да „падне“ личност од толку висок профил – се ретки од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, но апсењето на член на руската владејачка елита, за која верува дека многу нејзини членови ги искористиле своите позиции за да соберат огромно лично богатство, ретка појава – освен ако некој не падне во немилост на Владимир Путин.

Московскиот окружен суд му одреди два месеци притвор под обвинение за криминален заговор со трети лица во неговата улога да ја надгледува изградбата и реновирањето на објектите на Министерството за одбрана. Поточно, беше наведено дека тој профитирал од градежните проекти во украинскиот пристанишен град Мариупол, од кои голем дел беше уништен од руското бомбардирање во месеците по почетокот на инвазијата, за по падот на градот, Русите да започнат реконструкција. Иванов директно беше вклучен во обновата на Мариупол.

Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со затворска казна до 15 години, а тој ги негираше обвиненијата што против него ги покрена Анкетниот одбор. Друг човек, Сергеј Бородин, за кој се вели дека е пријател на Тимур Иванов, исто така се појави пред судот во Москва под слични обвиненија, објави Би-Би-Си.

Иванов важи за лојален сојузник на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, со кого соработува долги години. Претходно, Иванов беше вицепремиер на Московската област, каде што Шојгу беше гувернер кратко време. Некои руски коментатори тврдат дека апсењето е голем удар за Шојгу.

За прослава на роденденот на Светлана во Истанбул парот плати 185 илјади евра

Кремљ ги отфрли информациите што се појавија во некои руски медиуми, според кои вистинската причина за апсењето на Тимур Иванов е дека тој е осомничен за предавство. „Сега има многу различни толкувања за сето ова… Мора да се фокусирате на официјалните информации“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакнувајќи дека Путин бил однапред информиран за притворот на Иванов, како што пренесува Би-би-си.

Санкциите секако го нарушија слаткиот живот што тој го живееше пред да му бидат наметнати по почетокот на руската војна во Украина. Минатата година британскиот „Дејли мејл“ објави детални информации за луксузниот начин на живот на Иванов и особено на неговата поранешна сопруга Светлана Маниович, гламурозна русокоса која „превентивно“ се разведе од својот високо позициониран сопруг за да избегне санкции. Информациите за луксузниот живот наводно дошле од протечени мејлови.

Превентивен развод

Фондацијата на починатиот опозициски лидер Алексен Навални дошла до посед на околу 8.000 пораки испратени во текот на 12 години, кои го откриваат животот обележан со вили, јахти и автомобили на суперлуксузниот бренд „ролс-ројс“ во Сан Тропе каде уживаа Тимур Иванов и 50-годишната Светлана.

Фондацијата објави дека „превентивниот“ развод на Светлана со Иванов во летото 2022 година ѝ овозможил да ги заобиколи санкциите на ЕУ кои потоа му беа наметнати на нејзиниот сопруг, но мејловите укажуваа дека вистинската разделба на двојката никогаш не се случила – барем ваква била состојбата минатата година.

Тимур и Светлана се венчаа во 2009 година, откако таа се разведе од успешниот бизнисмен Михаил Маниович.

Семејството потрошило 850.000 евра за изнајмување вила во Сан Тропе и 250.000 евра на јахти во периодот од 2013 до 2018 година, според информациите во нејзините мејлови. Отишла на шопинг во Женева и Париз, потрошила 104.000 евра за дијамантски прстен и 150.000 евра за обетки, а нејзиниот роденден, кој го прославила во Истанбул во 2018 година, чинел 178.000 евра. На шопинг листата има и фустан на „Долче и Габана“ од 59.500 евра и комплет мебел од 19. век од 85.000 евра купен во Белгија.

Азурниот брег беше омилена дестинација за Светлана Маниович

Дмитриј Песков и неговата сопруга, поранешната уметничка лизгачка Татјана Навка, присуствуваа на нејзината роденденска забава во 2021 година во близина на Москва, а Иванов и Маниович имаа „ролс-ројс корниш“ за нивните патувања на француската ривиера.

Фондацијата објави дека други луѓе и корпорации ѝ ги плаќаат сметките на Светлана, а една од нив е и „Олимпситистрој“, подизведувач на Министерството за одбрана вклучен во изградбата на нови станбени згради во Мариупол. На 17 март 2022 година, додека Русија го уништуваше Мариупол, Светлана купуваше дијаманти во продавница за накит во Париз.

Марија Певчих, шеф на истраги во фондацијата на Навални, ги повика француските власти да ѝ забранат на Светлана Маниовича ја посети Франција, објавувајќи видео од нејзината забава во францускиот ски-центар Куршевел. Според извештајот на фондацијата на Навални, Иванов во 2012 година купил имот во центарот на Москва за 6,7 милиони евра, а фондацијата тврди дека отприлика исто толку потрошил за изградба на луксузна селска куќа.

Тимур Иванов во стаклен судски кафез за време на сослушувањето

Имотот на семејството е регистриран на „Руската федерација“, нивната дадилка и возач, како и на договорните страни на Министерството за одбрана“, објави фондацијата на својата веб-страница. „Тие фирми подизведувачи добиваат градежни договори во вредност од милијарди од министерството, а ги плаќале и сметките на Маниович и Иванов. Официјалниот приход на семејството е околу 25 милиони рубљи (251.000 евра) годишно. Нема начин кој би им дозволил да водат таков луксузен живот е купено со пари украдени од Русите“, изјавија тие.

„Во моментов сопругата на Иванов ги троши тешко заработените пари во париските бутици. Европа на Иванов му воведе санкции дури на 6 октомври 2022 година. Меѓутоа, еден месец пред тоа тој и Маниовиќ се разведоа“, објави тогаш фондацијата. „Разводот беше само формалност, а единствената цел беше да му се овозможи на семејството Иванов да продолжи да живее и да троши пари во Европа. Тоа го потврдува и фактот што Светлана непосредно пред разводот го зела презимето на сопругот. Рускиот заменик-министер за одбрана Тимур Иванов заработува од градежништвото во окупираните области на Украина Во исто време троши милиони евра на одмори, луксузни имоти и антиквитети“.

Синот на Иванов, Михаил е студент на Универзитетот Оксфорд Брукс во Англија, а нејзината ќерка живее во Франција, објави минатата година Фондацијата Навални.