Македонија
26. March 2023 - 16:34

Ќе плаќаат ли граѓаните повисоки цени за комунални услуги?

Јавните комунални претпријатија, кои даваат услуги на подрачја поголеми од 10 000 еквивалент жители до крајот на следниот месец до Регулаторна треба да ги достават бизнис плановите за да им биде утврден тарифникот. Минималната тарифа ги покрива само оперативните трошоци и амортизацијата, а максималната озвозможува идни инвестиции и развој на инфраструктурата на претпријатието. Претседателот на АДКОМ е дециден дека цените на комуналните услуги мора да бидат на ниво на рентабилност, а не за купување на социјален мир.

- Многу е важно да се има во предвид дека, кога се добива тарифата, ниската и високата граница, да се избегне популизмот во советите на општините и да се размислува за развојниот концепт на јавните претпријатија, односно, да се одбере онаа цена која е добра, поволна и која ќе обезбеди самоодржливост на јавните прептријатија – изјави Пеце Милевски, претседател на АДКОМ.

Горлив терет за јавните претпријатија е плаќањето на годишниот надоместок за испуштање и користење на води, кој изнесува 2% од вкупниот приход. Многу претпријатија со години не ја подмириле обврската, зашто парите не завршуваат онаму за што се наменети.

- Да се плаќаат како средства во МЖСПП кое понатаму ќе поддржи квалитетни и имплементирачки проекти. Инаку, вака не е коректно да тие средства одат во централен буџет и се трошат за разни други проекти, во разни други сфери и области, а секторот за животна средина, особена секторот за води и отпад да ги чувствува тие недостатоци, односно, да бара и да моли- изјави Соња Липиткова, експерт за животна средина.

За продлабочување на меѓусебната комуникација и заштита на заедничките интереси, на „Денови на комуналните услуги“, АДКОМ потпиша меморандум за соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.