Заврши реконструкцијата на патниот правец од село Радање до Оџалија, како и од Таринци до Долни Балван

Заврши реконструкцијата на патниот правец од село Радање до село Оџалија. Се постави еднослојна асфалтна маса на улицата во должина од 340 метри, која беше од огромно значење за жителите од овој регион. Градоначалникот, Виктор Паунов, истакна дека се работи на подобрување на инфраструктурата во сите населени места во Општина Карбинци.

„Се става еднослојна асфалтна маса на оваа улица во должина од 340 метри. Се работи за потег кој во минатото беше проблематичен затоа што самата местоположба и овој терен е карактеристичен сам по себе. Овој патен правец честопати беше оштетуван од врнежите на дожд и од самата негрижа во минатото. Еве денеска се става крај на овој проблем, овој потег ќе биде целосно асфалтиран“ – вели Паунов.

Вкупната инвестиција е 4.800 илјади денари пари кои се издвоени за реконструкција на три улици, улицата во село Балван, улицата во Стар Караорман и оваа од Радање до Оџалија. Во меѓувреме завршен и патниот правец од село Таринци до село Долни Балван, а веќе се поставува и осветлувањето.

„Село Долни Балван село Таринци – овој патен правец е целосно завршен, се работи на ситни корекции, односно завршување на осветлувањето, патеката и банкините“ – додава Паунов.

Во текот на наредната недела треба да се реализира примоопредавањето, со што Карбинци за првпат ќе добие и пешачка и велосипедска патека.

Лаура Стојанова М-Нет