Уставниот суд го раскина решението со кое се одобрува градба на хотелски комплекс крај Дојранско Eзеро

Уставниот суд го укина решението донесено од градоначалникот на општина Дојран на 16 мај 2018 година, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за парцела во Сретеново, Општина Дојран, изработена од ДГПТУ „СТАН АРТ“ ДООЕЛ Куманово, којa опфат опфаќа простор од 4309,00 m².

„Судот утврди дека не била во целост почитувана постапката за донесување на решението и со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, односно владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина“, посочуваат од Уставен суд.

Дојранското езеро е прогласено за споменик на природата согласно закон со којшто е утврден посебен режим на негова заштита. При донесување на оваа одлука, Судот направи анализа на Законот за прогласување на Дојранското езеро за споменик на природата и во таа насока утврди пропуст во постапката за донесување на конкретната локална урбанистичко-планска документација, односно Уставниот суд констатира дека не е испочитувана обврската за обезбедување на согласност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, велат од Судот, оваа обврска е пропишана и во Законот за заштита на природата.

„Дополнително, Уставниот суд утврди дека нема доказ дека одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина  е објавена на веб-страницата на општината, што претставува законска обврска во постапката за донесување на плански документи со коишто се уредува и планира просторот. Покрај деветте иницијативи со кои се оценуваше уставност и законитост на дневен ред на седницата која Судот ја одржа вчера беше ставен и овој предлог за одлучување како конечен, со оглед на фактот дека беше разгледан на 6. Седница на 23 февруари 2022 година, но не доби доволно мнозинство гласови“, соопштува Уставен суд.