Најмалку 14 загинати и десетици исчезнати во свлечиште во Камерун

Најмалку 14 луѓе загинале а уште десетици други се водат како исчезнати во неделата во уривање на земјен насип при погреб во сиромашен кварт на главниот град Јаунде, соопштија камерунските власти.

Гувернерот на регионот на главниот град Насери Пол Беа за камерунската национална телевизија CRTV изјавил дека спасувачките екипи пребаруваат низ свлечиштето под светлина на батериски светилки во потрага по десетиците луѓе кои се пријавени како исчезнати, а најави дека потрагата ќе трае и преку ноќта.

„На местото на несреќата избројавме десет тела, но пред нашето пристигнување четири тела веќе биле однесени. Уште десетина сериозно повредени се пренесени во различни болници“, додал гувернерот.

Според него, квартот Дамас во Јаунде, во кој се случила несреќата, е „многу опасна точка“ и ги повикал локалните жители да заминат од таму пред да започне расчистувањето, пренесува агенцијата Associated Press.

Репортерот на AFP извести дека полицијата ноќта подигнала четири тела замотани во бели чаршаф, во споменатото сиромашно предградие на Јаунде. Во извештајот се додава дека стотици локални жители избезумено трагале по членовите на своите семејства и за припадниците на спасувачките служби кои се обидувале да го расчистат патот до местото на несреќата.

Многу семејства биле сместени во големи шатори на необработено земјиште на врв на рид кога почвата се урнала, изјавиле локалните жители.

„Засега имаме 14 тела и продолжува потрагата по другите затрупани под земјата. Овие луѓе се собраа за да ги оплакуваат членовите на своите семејства кои заминале пред нив. Некои седела во шаторот кој го затрупало земјиштето“, додал Беа, гувернер на Централната покраина чиј центар е Јаунде.

Јаунде, град со околу 2,8 милиони жители, е еден од највлажните градови во Африка и е подигнат на десетици стрмни ридови на кои се подигнати колиби на сиромашните семејства. Обилните дождови годинава веќе предизвикаа неколку разорни поплави низ целата земја, уништувајќи ја инфраструктурата и принудиувајќи на преселување илјадници луѓе.