На територијата на Општина Центар ќе се воведе видеонадзор. Целта, како што објасни градоначалникот Горан Герасимовски, е да се заштитат урбаната опрема, детските и спортски игралишта, но и да се намали насилното однесување и да се заштитат младите, поради што во претходниот период имаше зголемени полициски патроли.

Тој нагласи дека целиот процес ќе биде направен со целосно почитување на Законот за заштита на личните податоци, а актите ќе бидат прецизирани со целосно вклучување на Агенцијата за заштита на личните податоци. Видеонадзорот ќе биде поставен на видно место и ќе биде истакнато известување за него, дека се врши видеонадзор од Општината и од ЈП ПОЦ.

Одлуката за поставување видеонадзор во Општината е донесена едногласно, на последната седница на Советот на Општина Центар. Токму поради насилно однесување во општината имаше зголемени полициски патроли.

– Верувам дека, преку видеонадзорот, ќе успееме да го намалиме девијантното однесување, но и да  обезбедиме заштита на имотoт и имотните права на Општината, како што се урбаната опрема, инфраструктурните објекти, сообраќајните знаци и семафори и јавното улично осветлување – изјави Герасимовски.

Тој извести дека граѓаните ќе можат да ги користат снимките од надзорот единствено и само по налог на Јавното обвинителство и МВР и дека не постои никаква можност да бидат како било злоупотребени.

(А.П.)