САД: Долниот дом на Конгресот засебно ќе гласа за помошта за Израел и за Украина

Претставничкиот дом на САД следната седмица ќе гласа одделно за помош на Украина и на Израел, објави во понеделникот републиканецот Мајк Џонсон, повеќе од два месеца откако Сенатот ја отфрли мерката што ги вклучуваше двете држави.

Во понеделникот вечерта, по состанокот со републиканските претставници во Долниот дом на Конгресот, Џонсон изјави дека поделениот законодавен дом потоа ќе ја разгледа и помошта за Тајван и американските сојузници во Источна Азија.

„Знаеме дека светот ја чека нашата реакција. Тие бараат да видат дали Америка ќе застане зад своите сојузници, во нашите интереси ширум светот. И ние ќе го сториме тоа“, рече Џонсон.

Американската помош за тие земји сè уште не е усвоена, бидејќи Џонсон не сакаше да ја разгледа мерката од 95 милијарди долари што горниот дом ја донесе во февруари. Вклучува 14 милијарди долари помош за Израел и 60 милијарди за Украина.

Џонсон нагласи дека новите мерки во Претставничкиот дом предвидуваат приближно исти износи на странска помош.

Притисокот конечно да помине оваа финансиска помош преку Конгресот порасна по иранскиот напад врз Израел, пишува Reuters.

Џонсон е под критики од десната фракција на републиканците кои се закануваат дека ќе го соборат од позицијата водач на мнозинството во Претставничкиот дом, доколку ја мине помошта за Украина, без издвојување средства за зајакнување на границата меѓу САД и Мексико преку којашто изминатата година минаа милиони нелегални мигранти.

Многумина од нив, блиски до поранешниот претседател Доналд Трамп, се противат на испраќање милијарди долари повеќе во земјата разурната од војна, додека ја поддржуваат помошта за Израел.