Владата имаше програма и ветувања на 71 страница, а отчет не даде ниту на 7,1 страници

Изборната кампања влегува во финалето. Се изнаслушавме: „Ќе направиме ова, ќе направиме она…“, „Нашата нова владина програма предвидува многу мерки…“, „Во наредниве четири години ќе оствариме се што ветивме, нашата програма е реална и остварлива“… Ама многу малку слушнавме отчет на власта за сработеното и за многуте потрошени народни пари во мандатот кој привршува.

Влада која во 2020 година стартува со премиерот Зоран Заев, а од 2022 па до неодамна ја предводеше друг мандатар – Димитар Ковачевски треба да се пофали што сработила, да го покаже тоа, да објасни… Се исполни ли ветеното, што се направи, што не се направи? Сето ова се прашања на кои требаше да има одговор во кампањата.

Димитар Ковачевски пред две години стапи на сцена со владина програма од цела 71 страница. Јавноста не доби детален отчет за сработеното, за потрошените пари, односно за по околу 4-5 милијарди секоја година од мандатот на СДСМ и ДУИ. Граѓаните тоа го очекуваа, но наместо тоа, на предизборните митинзи, можеа да слушаат само по неколку реченици како се направени неколку проекти и работи со кои досегашниот премиер и министри сакаа да се пофалат колку многу сработиле.

– Владата не даде детален отчет што сработила за време на нејзиниот мандат, а  своевремено го имаа наведено во нивната предизборна кампања како ветувања. Иако, мислам дека ни третина од ветеното не реализираа, вели Бојана Стојчевска.

А колку е реално сработено, што е направено, а што не, најдобро може да се заклучи ако малку подетално се погледне владината програма од пред две години. Полна е планови, проекти, мерки, промени… поделени во десетина клучни општествени области.

Во економијата се ветуваше:

Клучна цел на Владата ќе биде креирање на забрзан и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со забрзување на стапките на економски раст на среден рок од 2,5 отсто, на 5 процентен просечен раст, поттикнување нови работни места, зголемени инвестиции, умерено задолжување…, пишува во делот на досегашната владина програма.

Колкави стапки на раст имаше во Македонија, колку нови работни места се отворени, колкави се инвестициите, дали задолженоста на земјава е умерена, зголемена…? Ова треба да се одговори и ќе се знае дали овој дел од програмата е реализиран.

Во областа на енергетиката се ветуваше:

 За Владата, овој момент мора да се искористи за сериозна енергетска транзиција и промена на енергетската структура на државата. Конкретно, Владата ќе дејствува кон успешна енергетска транзиција која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси, одржливост на енергетскиот систем и ќе биде ценовно прифатлива за сите граѓани и економски субјекти. Визијата е обезбедување на енергетската независност, на зголемување на домашното производство на енергија, трансформација на ТЕЦ Неготино на природен гас, отворање на рудникот „Живојно“, давање на ХЕЦ „Чебрен“ под концесија…, се наведува во програмата.

Стана ли Македонија енергетски независна, до каде е стасана на тој пат, се направи ли трансформацијата на ТЕЦ „Неготино“, се отвори ли рудникот „Живојно“, што се случи со „Чебрен“? Тука лежи одговорот дали ветеното е реализирано.

Во делот на инфраструктурата се ветуваше:

– Врвен приоритет на Владата ќе претставува рапидна изградба на Коридорот 8, кој неоправдано доцни со децении. Поврзувањето исток-запад, со Р. Албанија и Р. Бугарија претставува стратегиска обврска и фокус на Владата до 2024 година. Паралелно, остануваме целосно посветени на целосна реконструкција и доизградба на коридорите 10 и 10-Д. Продолжуваме со изградба на автопатот Кичево – Охрид, Скопје – Блаце…, пишува во програмата, а има и уште многу друго набројано.

Што од ова е реализирано? Се градеше ли? Отчетот за ова е лесен да се направи.

Во областа за животната средина беше ветено:

Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели. Ова вклучува употреба на еколошки горива и користење на обновливи извори на енергија, промовирање на одржливо управување со отпад До 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење… До крај на 2024 година ќе се воведува постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати…, ветуваше досегашната Влада.

Има ли државни институции кои се греат со стари и нееколошки системи на греење? Има ли намалување на загадувањето?

Во делот на земјоделието власта си зацрта дека ќе направи:

Ќе се продолжи со финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Најважно од се, новото земјоделство мора да обезбеди национална одржливост, самостојност и целосно покривање на потребите за храна, особено во услови на очекувано зголемување на глобалната побарувачка и цените на производите, им се најавуваше на граѓаните.

Дали Македонија сега не увезува патлиџани, компири, кромид…? Стана ли самодостојна за потребите од храна? Одговорот на ова е и показател дали се реализирала програмата.

Во областа на образованието ветуваа:

-Владата ќе развива квалитетно образование достапно на сите, образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи… Во наредниот период, продолжуваме со реформата во основното образование, во отворен процес и со согледување на ставовите и позициите на сите активни чинители во него…, пишува во владината програма.

Се постигна ова? Имаше годинава доволно учебници, нагледни средства, добри програми за работа, подобри услови во училиштата…? На ова требаше да се одговори, да се даде отчет.

Околу здравствениот систем беше ветено:

Врвен приоритет преставува изградбата на нов клинички центар во Скопје, за кој се направени сите неопходни подготовки, изградба на нов клинички центар во Штип, нова болница во Кичево…, ќе развиеме модел за системски промени во начинот на плаќање на примарната здравствена заштита.., се најавуваше во програмата.

Што од најавеното се изгради? Колку се чека на „мој термин“ , има ли доволно лекови…, граѓаните може и без отчет да увидат.

За Владеење на правото и доброто управување ветуваа:

Владата ќе се води од основните и напредни принципи на добро управување и тоа одговорност, ефикасност во спроведување на ветеното, отчетност, чесно работење, инклузивност и достапност. Антикорупцијата, редот, дисциплината и владеењето на правото стануваат оска и основа на политиките на оваа Влада, беше наведено на страница 45 од владината програма.

Зошто околу ова не дадоа отчет, па нели отчетност…? До каде е борбата со корупцијата?

Инаку, има во програмата уште области каде Владата даде конкретни ветувања. За сето тоа имаше површна отчетност.

-Потребен е детален отчет, но детален писмен отчет треба секој месец, а не по истекот на нејзиниот мандат. Дури тогаш можеме да кажеме дека станува збор за домаќинска влада. Не знам зошто, но за жал се уште сум песимиста дека и со новата влада ке тргне нешто на подобро, оти ние граѓаните веќе ја узгубивме вербата. Затоа, треба да и се даде рок од 100 дена и потоа да видиме…, ни рече Зорица Стојчевска.

Дали власта до ден пред изборниот 8 мај сепак ќе даде отчет ќе се види наскоро. Во првиот изборен круг на претсдателските се виде дека на мнозинството од граѓаните и без отчетот веќе им е јасно и имаат заклучок дали владата на СДСМ и ДУИ задоволително работела.

Претходна вестИм се заканувал и агресивно се однесувал кон родителите: Уапсен 19-годишен охриѓанец
Следна вестПроменливо облачно, наместа со повремени врнежи од дожд