Македонија
Кавга меѓу Ковачки и Лога за поткуп, закани и притисоци врз гласачи
Носителот на ИЕ 3 на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, синоќа од митинг во Кочани, порача дека Генсекот на Алијанса за Албанците и актуелен министер за правда Кренар Лога заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби „вршат масовен поткуп, се закануваат и уценуваат се со цел да добијат еден пратеник и во третата изборна единица“.
– Сакам да упатам порака до Али и Груби. Деновиве слушам дека вршат масовен поткуп, се закануваат и уценуваат, го праќаат Кренар Лога, потрчкото од Алијанса во Делчево и Берово се со цел да добијат еден пратеник овде во третата изборна единица. Кренар не си ги валкај рацете. Не ти е таму местото. Повлечи се додека е време, ќе завршиш во затвор, како министер за правда знаеш дека тоа што го правиш е против законски, рече меѓу другото пратеникот.
По ова, реагираше Лога.
– Го знам вашиот интелектуален капацитет нереформиан кадар кој за среќа, во земја членка на НАТО нема преспектива и нема можност за добивање безбедносен сертификат, што за ваша несреќа долгосонуваната позиција Министер за одбрана станува неостварлива. Оваа закана чувајте ја за себе. Во исто време ви благодарам што нè мотиварате дополнително. Овие бесмислици од минатиот век, народски речено, не држат вода кај нас. Ќе ме имате секој ден во секој дел на оваа заедничка држава. Мојата Македонија е побогата од вашата. Европска Македонија е далеку поубава и поперспективна за разлика од вашата Македонија, која е регресивна, изолирана и е со тефтерче против своите граѓани. Неспособен полковнику, како Европски фронт тука сме како гаранција дека оваа држава ќе се движи напред и дека оваа држава е на сите граѓани, како на Македонците, така и на сите останати од третата изборна единица, објави Лога на социјалните мрежи.
По неговата реакција, повторно се огласи Ковачки.
– Господине Лога, вие сте непозната личност, исто како вашиот труд за Македонија. Ако не бевте министер за правда, немаше јавноста да знае дека воопшто постоите. Но последиците од вашата неспособност се познати. Тие се бројат со најкатастрофалните извештаи за државата во поглед на правдата. Вие сте министер за правда кога довербата во судството е под 3%. Знаете зошто е така? Затоа што другар на Али од Зајас е Ислам Абази, првиот човек на организиран криминал, како и Бурим Сејдини, исто од Зајас, кој е претседател на Управниот суд. Претседателите на основните судови во Тетово и Кичево, Хасан Асани и Амдије Зенку се поранешни функционери и активисти на ДУИ. Во врховниот суд е и Шпенд Деваја, сопругот на поранешната градоначалничка Теута Арифи. Ова судство е на ДУИ. Затоа нема одговорност за ниту еден од ДУИ и нивните слуги од СДС. Кога веќе лажно морализирате и си ја приграбувате идејата за Европска Македонија, да ве прашам, како е чувството да сте привезок на Али, да седите во неговиот скут и да зборите за Македонија? Едното со другото не оди. Еден Палчо од Турција го екстрадирате како да го носите од месечината. Ете толку сте способни. Вашата пресуда доаѓа од народот на 8 мај. Колку вие подалеку од политика, толку повеќе Македонија повторно на народот, возврати Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.