СДСМ до тука беше – без правење глупости до 8 мај

Колумна на Никола Тасев:

Како денес да се случи, свежа ми е сликата кога Зоран Заев се фалеше дека во 2016 година срушил режим со пенкало! Леле колку беше благодарен на пенкалото… дури и го бакнуваше. Арно ама, потоа тој и неговите направија уште полош ненароден режим и вчера во Македонија пак се активираше истото пенкало. Овој пат ниту Заев, ниту Ковачевски, ниту Пендаровски не сакаат ни да го видат, а не пак да го бакнуваатОти пенкалото сега беше во раката на народот и писма напиша до Ковачевски и Пендаровски (Заев засега го прескокнаа, можеби оти очекува делителите на правдата да му пишат). Гледам синоќа смркнати фаци во власта – писмата ги добиле, ги прочитале (верувам по неколкупати), но дали ги разбраа?

Македонија на СДСМ вчера на првиот круг од претседателските избори му напиша: „Ви беше дадена огромна шанса од државата да направите пристојно место за живеење, како што ветувавте, но ја оплескавте. Народот од вас очекуваше искреност и посветеност, а вие го „избањавте” со празни ветувања, лажење и корупција. И најстрашно од се, не го почитувавте неговото мислење, како она на референдумот за името, како онаа за францускиот предлог и вклучувањето на Бугарите во Уставот, како она за автопатиштатата на „Бектел и Енка“… Вашите функционери повеќе мислеа на тендерчиња и од каде да „лапнат” некоја државна паричка, наместо да се посветат на работата. Народот очекуваше и во ЕУ и НАТО да влезат со гордост, со заштитени национални интереси, наместо да се коленичи пред секој бриселски дипломат, прифаќајќи се што ќе понудат тие како одлично решение за Македонија. Затоа доста е, ај гитла од власта”.

Писмото е подолго, ама да не го пренесувам во целост оти има и по некои непристојни-подиректни зборови упатени до челниците на СДСМ, но да напоменам дека го потсетуваат оти на народот му вети и развој, инвестиции, пристојни работни места, повисоки плати, подобар стандард… За жал, стои во писмото, развојот го имаше само на владините прес-конференции, инвеститорите како „ѓавол од крст” бегаа или ја заобиколуваа државата, работните места младите, наместо дома, ги наоѓаа во странство, повисоките плати останаа само во сферата на статистичка манипулација и се удавија во високата инфлација, а подобриот стандард се уште е утопија.

Граѓаните очекуваа дека ќе се искорени корупцијата, но таа уште повеќе ја задуши државата. Автопатишта, улици, железници, спортски центри, паркови и други капитални проекти се градеа само на телевизиски емисии и во предизборните спотови, а граѓаните не ги видоа во живо. Македонија наместо во огромно градилиште се претвори во држава на камен темелници.

Интересен детал во писмото е дека народот на СДСМ му порачува во престојните две недели до гласањето на 8 мај да не ни помислиле да прават глупости, да прават нови задолжувања, да потпишуваат големи и сомнителни договори, да ја полнат администрацијата или да прават смислени инциденти или некакви комбинаторики во нивни стил „2 плус 2 е еднакво на 16“.

Прифатете ја реалноста барем овојпатпочекајте комплетно да завршат изборите, слушнете убаво и до крај што имаат да ви порачаат гласачите, па тогаш ќе ви стане појасно што всушност треба да направите.” – стои на крајот од писмото.

А Македонија се подготвува за две недели да напише уште едно писмо. Уште подраматично, доколку не го сфатиле првото.

А на 8 мај писмо ќе добие и новата власт, со фотки од Заев, Ковачевски и Пендаровски, за да не им текне и тие да ја продолжат „политиката“ на СДСМ. Оти народот нема да го испушти пенкалото.

Претходна вестСДСМ не памети вакви резултати, за прв пат под 200 илјади гласови
Следна вестСообраќајот тековно, по наместа влажни коловози