• недела, 21 април 2024

Свечена заклетва на 30 слушатели на курсот за офицери на Армијата, Петровска им порача дека стануваат дел од семејството кое се грижи за безбедноста на земјата

Свечена заклетва на 30 слушатели на курсот за офицери на Армијата, Петровска им порача дека стануваат дел од семејството кое се грижи за безбедноста на земјата

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Триесет млади граѓани, идни офицери на Армијата на Република Северна Македонија денеска на Воената академија во Скопје дадоа свечена заклетва, по што ќе започнат со нивното школување на Воената академија, соопштија од Министерството за одбрана.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето по овој повод, на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери им порачала дека оваа заклетва преставува нешто многу повеќе од изговорените зборови и дека ја симболизира нивната непоколеблива посветеност на кауза што е поголема од нив самите.

- Како идни офицери, ќе ја носите тежината на одговорноста на вашите рамена. Ќе бидете повикани да водите со храброст, интегритет и разбирање. Ќе ви бидат доверени животите на оние кои ќе бидат под ваша команда, а одлуките што ќе ги донесете ќе имаат големо влијание врз нивната благосостојба но и безбедноста на нашата татковина. Затоа посветено и внимателно учете ги содржините за време на курсот, усовршите ги своите вештини, а вашата цврстина и посветеност нека ги надминат сите предизвици, нагласила Петровска, стои во соопштението од МО.

На идните офицери кои доаѓаат од различни бранши таа им упатила благодарност што одговориле на повикот и им порачала дека нивната храброст и посветеноста на должноста го претставуваат најдоброто од нашата земја. Идните офицери, потенцирала, не се сами на патот кон стекнување на првиот офицерски чин.

- На ова патување не тргнувате сами. Имате целосна поддршка од вашите колеги, вашите професори и нашата земја која длабоко ја цени вашата жртва и служба. Вие станувате дел од заедница, дел од семејство,  истакнала Петровска.

Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски нагласил дека Академијата, именувана по генералот Михаило Апостолски, е симбол на патриотизам, храброст и издржливост.

- Наследството на генерал Апостолски е инспирација за сите што се дел од оваа институција и нè потсетува на жртвите положени за нашата слобода и независност, истакнал Богдановски.

Тој додал дека со давањето на свечената заклетва, нашите идни офицери гордо презедоа одговорност и целосна посветеност на одбраната и безбедноста на нашите граѓани и на сојузниците.

На денешната свеченост присуствувал и командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од Воената академија, останати гости од Министерството за одбрана и Армијата, како и  членови на семејствата на слушателите на курсот. цр/ац/

Фото: МО

Остани поврзан