На протестот медицинските лица побараа и подобри услови за работа во јавните медицински установи
Уште 400 вработени недостасуваат за во Клиничката болница во Тетово да може да се врши оптимална здравствена услуга. Треба да се провери каков кадар недостасува и да се пополни. Ова е едно од барањата кое денеска го истакнаа дел од вработените во оваа болница и Здравствениот дом кои се членови на Независниот медицински синдикат (НМС), а кои излегоа на получасовен протест кој е по повод вчерашниот Ден на здравјето.
На протестот, како што рече Ариф Ибраими, координатор на НМС за Тетово, медицинските лица бараат и подобри услови за работа во јавните медицински установи.
Според него, бројот на вработени во овие здравствени установи не кореспондира со препораките на Светската здравствена организација.
„Како установа сме регистрирани за 470 кревети, за кои треба да има тројца вработени по кревет. Тоа е речиси 1 500 вработени за да оптимално се изврши и даде здравствената услуга. Нам ни фалат најмалку 400 вработени за да се изврши оптимална здравствени услуга“,
рече Ибраими.
Независен медицински синдикат во повеќе градови одржа протест од кои се истакнаа барањата за трајно решение на над 1 100 здравствени работници и помошно-технички персонал кои се со договор за дело или со решение за времено вработување и други барања.
Протести се одржаа и пред здравствените домови во Гостивар, Кичево, Струга, Битола, Струмица, Велес, Свети Николе и Клиничка болница Тетово и Битола, Општа болница со проширена надлежност Прилеп, Општа болница Струмица, Општа болница „Д-р Ферид Мурат“ во Гостивар, Општа болница Струга, Општа болница Велес и други јавно-здравствени установи.