На денешниот Управен одбор на ЗЕЛС, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, градоначалниците, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дискутираа за системските решенија за превенција и рана детекција на шумски пожари и поплави. Главен акцент беше ставен на унапредување на координацијата меѓу институциите и преземање конкретни чекори за спречување на природни катастрофи.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека превентивните мерки мора да бидат приоритет на сите локални самоуправи.
-За да ја намалиме опасноста од шумски пожари и поплави, неопходна е континуирана координација меѓу сите институции. Локалните самоуправи треба активно да работат на чистење на атмосферските канали и одржување на речните корита, а во шумските подрачја да се направат засеци кои ќе спречат ширење на пожарите. Разговаравме и со претседателот на Владата, од каде добивме уверување дека ќе се зајакнат капацитетите на противпожарните бригади, што е клучно за поефикасно справување со овие предизвици-истакна претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.
На состанокот, од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, беше потенцирана и потребата од ставање во функција на целокупната расположлива механизација и противпожарни возила, како и идентификација на критичните точки каде што е неопходна итна интервенција на државата. Дополнително, беше најавено зголемување на капацитетите за справување со кризни ситуации, вклучително и подготвеност на авионите за брза реакција во претстојната сезона.
ЗЕЛС и Владата остануваат посветени на изградба на ефикасен систем за превенција и брза реакција, со што ќе се заштитат граѓаните и природните ресурси од природните катастрофи.