Брејк, скопски мангуп и урбан лик, отвара ново радио за народна музика


Фото: Б. Грданоски

Дарко Гелев-Брејк (45), скопски мангуп и урбан лик од јавните случувања во градот, по три радија во Скопје, ќе отвара и четврто, на изненадување или не, на јавноста – за народна музика.

Во минатонеделното интервју на единствената емисија посветена на главниот град на Македонија – Скопје Але Але која се емитува на Телма секој викенд, Брејк ексклузивно откри дека стартува со ново радио, кое ќе биде бр. 1 и ќе го носи името „Радио Естрада”.

Одамна го нема на поп-сцената со нови песни, старите кои беа хитови „И после сè“, „Болиш“,„ Во бестрага“, „Само ти“, уште се вртат по радио станиците или се преработуваат од други пејачи.

Во интервју за „Независен“ пред неколку години, Брејк кажа дека се чувствува  и како музичар и како бизнисмен. 

„ За мене и бизнисот е музика, ако знаеш како да го искомпонираш. А музиката никогаш не сум сакал да ја претворам во бизнис. Со неа комуницирам само на лично, емотивно ниво“, ни изјави Брејк. 

За македонската поп-сцена изјави декае преполна.

„Тука ќе сретнете сè, од кич, преку паради и фрустрации, до квалитет. Но, немам ништо против, секаде во светот е слично, но не исто. Не се конфронтирам со поп-сцената, не се докажувам, понекогаш не се ни чувствувам како да сум дел од неа. Моите хитови како да живеат некаде далеку, сами и изолирани. Се раѓаат ретко, кога ќе надојдат инспиративните мигови, кои извираат од длабочината на душата. А на сцената, секогаш има место за добар хит. Сцената живее за хитот, не обратно.  Јас ја обожавам македонската музичка сцена генерално, вклучувајќи ја тука и поп-сцената. Македонскиот народ е толку музикален. И можам да кажам дека сè уште се држиме добро, имаме одлични млади таленти, а старите хитови се ненадминати, вечни…“, кажа тогаш во интервјуто Брејк. 

А што е тоа што го привлекува кон радиото како медиум?

-Радиото за мене е најсовршениот медиум. Со визуелните комуникациски концепти не се снаоѓам најдобро, но со аудио – да. Радиото е глас кој од некаде (од далеку, од високо) му се обраќа на светот, на градот, на секој поединечно, на самците дома, на оние низ сообраќајниот метеж во кола, мене, вам… на сите… Ги сакам моите радија и целата  енергија што живее во нив. Сите се своја посебна приказна, а меѓусебно се како едно семејство. Ја обожавам мојата радиска екипа… креативци со неконтролирачки идеи кои секој ден со нешто ме изненадуваат; водители што го предводат македонскиот етер, и музика, мнооогу музика, за сите генерации. (Л.С.)