И „најмртвата“ свадба сум ја правел највесела

Познатиот македонски пејач Круме Спасовски одговара на 10 прашања околу неговиот живот…

1. Три најсреќни моменти во животот?

-Најважни ми се оние моменти кога за прват ја запознав Зага, мојата сопруга, кога на фестивалот во Краљево во Србија победив со песната „Чудна жена беше Вера“ и кога ми се родија децата, внуците, правнуците.

2. Три работи кои се каете што сте ги направиле?

-Се кајам што не сум завршил макар средното училиште, што еднаш во казино послушав менаџер и си направив загуба и се кајам посебно што се родив во држава која естрадата не ја постави на основи како во други поранешни ју-држави и не остави голи и боси. 

 3. Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

Се гордеам со Вељо Личеноски, режисер и монтажер во МРТ, со Петре М. Андреевски кој ми беше уредник, како и со моите прекрасни родители.

4. Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

-Ме радува тоа што успеав да испеам толку многу песни, што опстоив 55 години на естрадата, а се надевам дека ќе одбележам и 60 години со посебен концерт. Ме радува и тоа што семејството ми е живо и здраво и што се зголемува, како и сопругата Зага која е со мене во сите важни моменти од животот.  

Не можам да си простам што во 1974 година не ја прифатив понудата од Белград да настапувам таму како пејач, а ме нервира и тоа што се уништи касетната продукција на МРТ. А најмногу ме нервираат Македонците од дијаспората кои заминаа во странство со ју-пасоши, меѓу кои сум настапувал многу пати, и од кои не сум слушнал убави зборови за Македонија, дека нашата држава станала подобра, поразвиена, туку само нешто критикуваат.

5. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

-Па како што кажав, успеав да завршам само основно образование. Па, како тогаш да издвојам само три…

6. Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?

-Ме бива за готвење, знам да направам убаво риба. Ме бива посебно за чалгаџиски песни, но и за тоа да направам вистинска веселба. На свадбите, на пример, настапувам само по околу половина час и за тој период и „најмртвата“ свадба ќе ја направам највесела.

Не ме бива за ситни поправки дома, а можете да замислите како стојам со покрупните проблеми. Не ме бива за лага и измама.

7. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

-Бигорски манастир, Охрид и во кумановскиот крај течението на реката Пчиња.

8. Три најдобри книги, филмови и песни?

-Книги: Првата е „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, а останати се делата од Карл Маркс и од Хегел.

Филмови: Ги сакам македонските филмови, посебно „Пред дождот“, „Среќна нова 49“…

Песни: „Блазе тебе Миро“, од Никола Бадев, „Ајде сонце зајде“ од Кирил Манчевски и „Еј Заге, носам чалгии“ во моја изведба.

9. Три омилени јадења?

-За сите јадења сум цар, гурман сум, сакам убвао да јадам. Со мене на човек и да не му се јаде, ќе му се пријаде.

10. Три совети кои ги давате на другите?

-Најчесто ги советувам младите пејачи. Им кажувам да не ги преправаат оригиналните стихови на нашите стари песни. И, посебно, да не слушат шунд музика туку македонска изворна музика за да таа се сочува и низ следните генерации.

Претходна вестГрупна тужба против компанијата „АстраЗенека“ поради „неисправна“ вакцина
Следна вестПриватните специјализанти и денеска на протест