Пратениците ќе го послушаат Џафери или ќе го решат изборниот проблем на 100.000 граѓани?

Можно ли е да на претстојните избори во Македонија правото на глас да не може да го остварат околу 100.000 граѓани? Ваква опасност неодамна најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а по денешната изјава на премиерот Талат Џафери тоа се чини е можно да стане и реалност.

Тошковски неодамна предупреди дека во земјава има минимум околу 100.000 граѓани кои се резиденти, но кои немаат лична карта. Единствено што имале најчесто е пасошот со старото име на државата, а со кој, пак, нема да може да се гласа на избирачките места.

По ова, Државната изборна комисија предложи во Изборниот законик да се воведе преодна одредба со која на граѓаните од земјава и странство ќе им се овозможи на претстојните избори да гласаат со пасоши во кои го нема омилениот збор на власта – „северна“, а сеуште важноста не им е истечена.

-Предлагаме пасошите на кои пишува Република Македонија, ако се важечки, да важат за гласање и тоа да се стави во Изборниот законик како преодна одредба која ќе важи само за овие избори. Од ова мислам дека нема поидеално решение. Веќе го сменивме Законот за лични карти и тие важат, но многу луѓе немаат и лични карти, па ако важат пасошите, ќе имаат еден документ, зашто тоа се реално важечки документи, издавани од нашите надлежни органи, изјави неодамна претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Но, додека се чекаше одлука околу овој предлог премиерот Џафери денеска изјави дека тој не прифаќа гласање со стари документи.

-Имајќи предвид дека има уште 50 дена до изборите, со оваа динамика, стоте илјади кои се вртат како информации дека немаат документ, во текот на март месец можат сите да се опремат со соодветен документ. Но, иницијално е граѓанинот да иницира барање за да има документ. За да имате документ, треба вие да побарате. Сега дојдовме во ситуација граѓани да немаат лични документи. Не сакам да зборам хипотетички што и како ќе правам, туку откако ќе направам, ќе бидете информирани сите, меѓутоа основно е институцијата да си ја врши работата, а не да се правда, кажа Џафери.

Сега на потег се пратениците.

Останува да се види дали барањето на ДИК ќе влезе во промените на Изборниот законик кои наскоро треба да бидат доставени до пратениците за усвојување. Пратениците ќе треба да избираат дали ќе го послушат премиерот и ќе ги остават граѓаните во мака и неизвесност да бараат термини за промена на лични документи, или пак ќе го решат проблемот на околу 100.000 граѓани?

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски деновиве изјави дека овој проблем може да се надмине со одредба што ќе се додаде во Изборниот законик и дека неговатра партија ќе го поддржи ваквиот предлог. Такво нешто, како што кажа, речиси една година се подготвувало во работната група за измени на Изборниот законик. 

Ама сега техничкиот премиер Талат Џафери изнесе друго мислење. Дали Ковачевски ќе остане на стариот став или…?

Претходна вестСудскиот совет незадоволен од одлуката да не им растат платите на судиите
Следна вестПочнува јавна дебата за примена на полиграф како модел за спречување на корупцијата на граничните премини, најави Пивоваров