Македонија
Спасовски: Насилниците од 27 април никако не смее да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат помилувани
Денешниот ден 27 април не смее да биде заборавен, ова е најцрниот ден во историјата на македонската демократија, рече денеска на прес-конференција, Оливер Спасовски, носител на ИЕ2 од СДСМ.
„На 27 април 2017 година се случи напад на Собранието, со план да се убијат пратеници, новинари и стручни служби на Собранието. Насилници коишто беа поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ влегоа да ја остварат оваа цел. Затоа никако не смееме да дозволиме насилниците да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат тие коишто ќе бидат помилувани и на коишто ќе им биде простено за стореното“, рече Спасовски.
„Затоа е многу важно да разбереме сите дека овој десничарски режим во тоа време направи удар врз Уставот, државата и демократијата. Важно е да знаеме дека ваквиот пристап на една политичка партија може да ја сруши демократијата и слободата на граѓани и државата“, изјави тој.
Прес конференцијата се одржа пред Собранието каде беше поставен видео бим на кој се емитуваа снимки од инцидентите во Собранието. Веднаш до видео-бимот беа расфрлани и неколку искршени столчиња и други предмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
23 Мај, Националниот ден на Власите, неработен за граѓаните припадници на влашката заедница
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 23 мај 2024 година (четврток), Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија им го честита Националниот ден на Власите.
Македонија
Данела Арсовска од новата влада ќе бара прв приоритет да ѝ бидат законски измени за зголемување на платите на пожарникарите
За Денот на пожарникарите, 20 Мај, Бригадата за противпожарна бригада на Скопје доби уште едно ветување за поголема плата и нови униформи, речиси исто како и на сите празнувања изминативе години. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на пожарникарите им вети дека ќе побара од новата влада, т.е. прво нешто што ќе го смени да бидат прописите што кои ја ограничуваат платата на пожарникарите.
„Прво, нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои може да бидат платени. Тие лимитирани средствата што ги добиваат како надомест за нивната работа навистина се ниски. Тоа го утврдува законот и, за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над она што е утврдено со законските рамки, дури ни преку колективен договор. Затоа, апелот е лимитирачките услови што ги ограничуваат нивните бодови да бидат меѓу првите нешта што ќе бидат отстранети со нов пропис“, рече градоначалничката Арсовска.
Застаната пред пожарникарите, градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништувањето на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада, како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.
„За да може да функционира скопската Противпожарна бригада како што треба, со својот полн капацитет, треба да има минимум 450 пожарникари, а во овој момент има 180. Пречка за ова претставуваат одобрувањето на средствата и бројката од дотациите што доаѓаат од буџетот, кои, за жал, во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато и да добиеме одобрение за пополнување на бројот од 180 до 450. Затоа повторно морам да апелирам, ова треба да биде една од првите работи што ќе се сменат“, рече градоначалничката Арсовска на свеченоста во дворот на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.
Кога го заврши говорот, градоначалничката им сврте грб на камерите за да ги погледне пожарникарите кои стоеја зад неа и им се обрати со зборовите: „Браво за вас, се надевам дека кога ќе ги поништат поените, барем двојно ќе ви биде платата годинава“.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, потсети дека на денешен ден во 1836 година првпат се појавила организирана служба за противпожарна заштита на територијата на Македонија. Со текот на годините опстојувала, се развивала, се усовршувала и во рамките на можностите одговарала на потребите на своето време. Иако малобројна и без соодветна опрема, командантот Томески рече дека Противпожарната успева да одговори на сите повици.
„Денес, за жал, броиме 180 пожарникари од предвидените 384. Имаме 2.000 интервенции успешно релизирани од минатиот мај“, рече Томески.
Признанија и благодарници добија пожарникарите што изминатава година се истакнале, а изборот, како што објасни градоначалничката Арсовска, го направиле самите пожарникари.
Македонија
Владата нема испратено пораки за надомест, граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб-страницата
„Владата на Република Северна Македонија нема испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај, кој се појави во изминатите часови, станува збор за смишинг- и фишинг-измама, која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат“, известуваат од Владата преку писмено соопштение.
„Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина, во која се посочува Владата како испраќач, таа треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови ниту да одговараат на пораките што ги добиле“, се наведува во соопштението.
Од таму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и имејлови и да не ги даваат личните податоци.
„Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни за своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот“, се додава во соопштението.