• Thu. May 16th, 2024

Брера триумфираше против Вардар, освои три доста важни бодови за опстанок во Прва лига

ByЃ. K.

Apr 29, 2024

Момците на Брера Струмица на теренот Кукуш во Турновo издвојуваа значајна победа во трката за опстанок во Првата лига. Освоија три бода против скопски Вардар откако славеа со 2:0. Во мечот кој беше дерби на 29-тото коло капитенот Марко Алчевски брилираше со своите одбрани и беше еден од најзаслужните за победата против црвено црните.

По почетното испитување на силите на теренот, фудбалерите на Брера ја искористија првата посериозна шанса за погодок. Миловановиќ му асистираше на Цветановски кој успеа да го најде вистинскиот пат до голот на Вардар за водство од 1:0. Сето тоа се случуваше во 25-тата минута на задоволство на големиот број посетители на стадионот Кукуш.

По погодокот Вардар ја презеде иницијативата и почна да напаѓа по голот на Алчевски, но капитенот на Брера беше одличен во својата улога. Успеа да го одбрани голот не само во првото, туку и во второто полувреме, а во финишот од средбата првотимците на Брера преку Ивковиќ стасаа до конечните 2:0 откако доби одлична топка од Мато.

„Тешко извојувана победа. Сепак, многу важна за нас за опстанок во Првата лига. Ни остануваат уште четири натпревари до крајот и максимално треба да одиграме за да собереме што е можно повеќе бодови и да котираме што е можно подобро на табелата“, изјави Алчевски.

Стратегот Бојан Круљ истакна дека во дуелот со Вардар бил доста тежок. Во одредени моменти паднала концентрацијата кај неговите избраници, но сепак прокнижани се три бода кои биле целта на овој меч.

„Морам да им честитам на моите момци на карактерот и желбата да освоиме нови три бода. Не бевме како на претходните натпревари добри на фудбалски план, ама оставивме срце на терен. На Вардар му честитам за одиграното и им посакувам сè најдобро. Ни направија многу проблеми и им посакувам да ги исполнат целите“, изјави Круљ.

By Ѓ. K.