Економија
Растот на руската економија го изненади ММФ

Растот на руската економија го „изненади“ Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со оглед на санкциите воведени кон Москва поради војната во Украина. Во јануари ММФ прогнозира дека руската економија ќе порасне 2,6 отсто оваа година поради големите воени и лични трошоци поддржани од зголемувањето на платите.
Во октомври минатата година тие очекуваа раст од 1,1 отсто во 2024 година, што сега го предвидуваат во 2025 година, изјави вчера директорката за комуникации на ММФ, Џули Козак, во Вашингтон.
Значајните социјални трансфери ѝ помагаат и на потрошувачката, додаде Козак, предупредувајќи на знаци на прегревање на економијата, како што е зголемената инфлација.
Во среднорочна перспектива растот треба да забави, со оглед на исклучувањето на Русија од меѓународниот финансиски систем, ограничениот пристап до технологијата и губењето дел од висококвалификуваната работна сила, наведува. Сите овие фактори значително ќе влијаат на растот и перспективите на економијата на среден рок, заклучи претставникот на ММФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски: Преку Јавниот повик за Мерката 112 ги вклучуваме младите во секторот земјоделство

Во изминатите денови се распиша Јавен повик бр.02/2025 за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2025 година.
Овој Јавен повик се однесува за Мерката 112 – „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.
Трипуновски информираше дека јавниот повик е наменет за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, кои што
• за првпат започнуваат со земјоделска активност;
• преземаат постоечко или воспоставуваат ново земјоделско стопанство;
• и се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци.
Максималната финансиска поддршка по корисник за Мерка 112 изнесува 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци.
Овие предвидени средства ќе се доделуваат за период на реализација на деловниот план и ќе се исплаќаат на годишно ниво но најмногу на три рати. Дополнително предвидена е и 40% авансна исплата на предметната инвестиција.
Крајниот рок за доставување на барањата е 09.05.2025 година
„Би сакал да напоменам дека за аплицирање на Јавниот повик за Мерката 112 се олеснети процедурите околу исполнувањето на критериумите, со кои што излегуваме во пресрет на секој еден млад кој што сака да влезе во земјоделскиот процес. Исто така ги охрабрувам да аплицираат за оваа мерка.
Целта на Министерството и на Владата е активирање на младите во земјоделскиот сектор преку низа на мерки. Токму Мерката 112 е една од низата која што ќе им помогне на младите да се активираат и да влезат во земјоделското производство.
Овој Јавен повик е само еден стимул на нашите млади да влезат секторот земјоделство и истите да продолжат да го движат процесот во производството на квалитетна храна.
Новата енергија во земјоделството е потребна за да се зголеми производството на храна, со што ќе станеме земја која што ќе извезува квалитетни земјоделски производи и по тоа ќе станеме и понатаму препознатливи.
Министерството ќе продолжи да работи на сет на мерки кои што ќе ги анимираат младите да се вклучат во процесот на производство на квалитетни земјоделски производи.
Заедно работиме да го вратиме македонското земјоделство и повторно да биде едно од најзначајните гранки“, рече Трипуновски.
Економија
Интерес за батерии – се бара спас за струјата произведена од фотоволтаици

Сопствениците на фотоволтаици засилено инвестираат во батерии, со цел во целост да ја искористат произведената електричната енергија.
На последната презентација на ФЕРОИНВЕСТ во Стопанската комора, присуствуваа 60 претставници од субјекти заинтересирани да вградат батериски системи за складирање за да ја избегнат загубата на електричната енергија, а со тоа и загубата на финансии. Тоа се, пред се, фабрики кои имаат поставено фотоволтаици на фабричките покриви, но и инвеститори кои имаат изградено фотонапонски електрани на земја.
Презентацијата ја одржаа ФЕРОИНВЕСТ и глобалниот бренд WEIHENG, кој е глобално препознатлив по иновативни решенија за складирање енергија, за чии батериски системи ФЕРОИНВЕСТ е застапник за Македонија.
Компанијата ФЕРОИНВЕСТ, која нуди изведување ,,клуч на рака”, ги запозна присутните со можностите за имплементирање на високонапонски хибридни системи за складирање енергија на веќе изградени фотонапонски електрани (на фабрички кров или на земја) и можност за градење на нови фотонапонски електрани со паралелно вградување на батериски системи од самиот почеток.
Берзите во моментот покажуваат неповолен пад на цената на електричната енергија во часовите на интензивно производство од фотоволтаици во текот на денот, што ќе биде уште поизразено во текот на летните месеци.
Единствено решение е складирање на вишокот електрична енергија и нејзино користење или продавање во часовите кога има потреба од енергија и кога побарувачката на пазарот ќе формира економски поповолна цена.
(ПР)
Економија
Кафето станува скапо задоволство, цените допрва ќе растат

Цената на кафето, еден од најконсумираните пијалоци во светот, достигнува рекордни нивоа.
Зголемувањето на цените на кафето е првенствено резултат на сушата која ги десеткуваше приносите на зрна на најголемите плантажи во светот и го загрози целокупното производство, а потоа се и геополитичките тензии кои ги загрозуваат синџирите на снабдување. Најсвеж пример се царините на американскиот претседател Доналд Трамп, кои се закануваат да предизвикаат еден вид трговска војна, на која индустријата за кафе нема да биде имуна.
Најголеми производител на кафе е Бразил, одговорен за една третина од светскиот пазар. После него се Виетнам, Колумбија, Хондурас, Мексико, Виетнам, Перу… Нивниот главен адут во успешното производство на кафе е климата. Зрната кафе се исклучително чувствителни и бараат оптимални услови, поради што екстремните температури и суши се основен проблем во овие земји. Освен што го намалува приносот, се влошува и вкусот на кафето. Бразил е особено тешко погоден, каде земјоделците се речиси без залихи. Очекувањата се дека годинава ќе има уште послаба берба во Бразил поради долгите сушни периоди, најдолги од 1981 година. Затоа, се соочуваме со неизвесна сезона и континуирани поскапувања.
Состојбата на родот и климатскиот статус на Бразил и Виетнам ја одредуваат иднината на секоја шолја кафе што ја пиеме.
Арабика и Росбуста се двата најпопуларни типа на кафе. Околу 75 проценти од светското производство го сочинува Coffea arabica, а Coffea canephora останатите 25 проценти. Тоа се две растенија со различни вкусови кои бараат различни услови за одгледување, па затоа имаат различни цени.
Растенијата Арабика се многу попрефинети, растат само на големи надморски височини и бараат голема експертиза во одгледувањето, што ги прави скапи. Робуста е полесна и поевтина за одгледување. Поотпорен е на болести и штетници, а претпочита потопли услови. Исто така, дава поголем принос. Зрната се помали, но имаат повеќе кофеин и се користат главно за еспресо кафе. Арабика има попријатен вкус и умерена киселост, поради што нашла поширока примена.