Марш за 8 Март под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“

По повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправноста на жените – 8 Март (петок), организацијата Tiiiit! Inc. повикува кон колективна акција, колективен протест и колективен марш во заедничката борба за рамноправност и родова еднаквост. Оваа година ќе се маршира под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“, со почеток од 17:00 часот на плоштадот „Скендербег“.

Според организаторите, овој марш претставува протестен одраз против ситуацијата во нашата земја, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди па сè до високата стапка на економска несигурност и сиромаштија кои, велат тие, нè засегаат сите, а особено ги погодуваат жените.

„Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права! Маршираме заедно, бидејќи сите ние треба да имаме гарантирани еднакви права и можности – пристап до здравствени услуги, без да го загубиме нашето право на избор, достапност до бесплатни гинеколошки прегледи во сите населени места, како и до менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување. Независност, правичност и сигурност – во сите сегменти од нашето постоење!“, стои во повикот за маршот.

Од Tiiiit! Inc. изразуваат солидарност до, како што посочуваат, сестрите и соборнички во Загреб, Сарајево, Белград, Приштина, Подгорица, Тирана, Љубљана, за кои велат се соочуваат со истите неправди и потсетуваат дека регионалната поддршка и соработка ќе помогне заедно да ги надминат препреките.

„Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат“, соопштуваат од Tiiiit! Inc.

Маршот ќе стартува во 17 часот на плоштадот „Скендербег“, а потоа рутата ќе заврши во Паркот „Жена Борец“, со завршни обраќања до јавноста и институциите.