1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиЧешка

Разоткриена мрежа за руска пропаганда во Европа

Ханс Фајфер
29 март 2024

Чешката тајна служба очигледно открила пропагандна мрежа финансирана од Русија. Целта на активностите: слабеење на позицијата на Украина. Во опкружувањето на мрежата се појавува и германската партија АфД.

https://p.dw.com/p/4eFWH
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин одамна е соочен со обвинувања за организирање сајбер напади и пропаганда против европските земјиФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

Мрежата очигледно е разоткриена при истрагата на чешката тајна служба. Чешкиот премиер Петр Фијала на 28 март изјави дека новинската интернет страница Глас на Европа (Voice of Europe), со седиште во Прага, е средиште на активнoстите. Мрежата преку неа ја ширела својата пропаганда. Се наведува дека целта била да се спречи Европската унија да ѝ пружи помош на Украина во војната против Русија.

Чешкиот дневен весник „Деник Н“ објави дека веб-страницата објавила изјави на европски политичари кои ја повикуваат ЕУ да престане да ѝ помага на Украина. Некои европски политичари кои давале интервјуа или соработувале на каков било начин со информативниот веб-сајт биле платени со руски пари. Во некои случаи, се вели дека политичарите ги финансирале своите изборни кампањи за европските избори во јуни со пари од Русија.

Чешкиот премиер Петр Фијала
Чешкиот премиер Петр Фијала: Целта на пропагандата била да се стекне влијание во Европскиот парламентФотографија: Michaela Rihova/CTK/picture alliance

Готовина и криптовалути како помош во кампањата

Истражувањата на германскиот неделник „Шпигел“, говорат дека парите биле предадени во готовина или биле исплатени во криптовалути за време на состаноци лице в лице во Прага. Според „Шпигел“, станува збор за сума од неколку стотици илјади евра.

Исплати примиле политичари од Германија, Белгија, Франција, Унгарија, Холандија и од Полска, пишува „Шпигел“, повикувајќи се на извор во чешкото Министерство за надворешни работи. Меѓу засегнатите политичари има и членови од партијата Алтернатива за Германија (АфД), пишува чешкиот весник „Деник Н“.

Главниот кандидат на АфД за претстојните европски избори, Максимилијан Крах, даде неколку интервјуа за платформата „Глас на Европа“. Тој го потврди ова во одговорот на прашањата на германските медиуми. Но, Крах истакна  дека не добил пари за интервјуата, демантирајќи ги со тоа обвинувањата пренесени во медиумските извештаи. 

Максимилан Кра главен кандидат на АфД за европските избори
Максимилан Кра е главен кандидат на АфД за европските избори во јуни 2024 година и се смета за особено радикален претставник на неговата партијаФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Истото важи и за високиот политичар од АфД, Питер Бистром. И тој дал интервју за „Глас на Европа“, а на прашањата на медиумите негираше дека за тоа бил платен.

Проруски „мозок на мрежата“ од Украина

Чешкиот премиер Петр Фијала изјави дека зад веб-страницата „Гласот на Европа“ стои прорускиот олигарх со украинско потекло Виктор Медведчук. Тој во Украина беше обвинет за предавство, но дојде во Русија како дел од размената на затвореници. Медведчук важи за доверлив човек на рускиот претседател Владимир Путин. Тој беше ставен на листата на санкции во Украина.

Русија повеќепати беше осомничена дека користи пропаганда за да влијае на јавното мислење во Германија и во Европа. Во Германија, партијата AфД, која е делумно екстремно десничарска, повеќепати беше критикувана за нејзината проруска политика - вклучително и во сoпствените редови. Влијателниот член на AфД во државниот парламент Ханс-Томас Тилшнајдер отпатува во Москва во август 2023 година на таканаречената „безбедносна конференција“ на рускиот претседател Владимир Путин. Тилшнајдер потоа ја пофали автократската земја: „Слава, ред, просперитет и чистота: ова е Русија во 2023 година!“

А, на реизборот на Путин во март 2024 година, Тилшнајдер со восхит му честиташе на автократот на платформата Х, истакнувајќи дека би бил среќен ако германската влада ги штити интересите на Германија „како што Путин ги штити интересите на рускиот народ!

А, копретседателот на АфД, Тино Хрупала, не само што учествуваше на приемот во руската амбасада во Берлин во мај 2023 година, туку дојде и со подарок за рускиот амбасадор.