[Фото] Марш против корупција и насилство врз Ромската заедница

„Политичкото насилство и корупцијата врз ромската заедница нема да се толерираат, а демократијата ќе преовладува“ е пораката што ја испратија околу 300 Роми на денешниот Марш против корупцијата и насилството пред изборите во земјава.

„Ние одбиваме да дозволиме нашата демократија да се распадне под тежината на корупцијата и насилството. Одбиваме да прифатиме општество каде што правдата е луксуз што им се овозможува само на неколкуте привилегирани. Бараме одговорност од нашите лидери, транспарентност во владеењето и еднаква заштита според законот за секој граѓанин, без разлика на неговото потекло. Денес се залагаме не само за правата на ромската заедница, туку и за сржта на нашата демократија. Бараме да престане политичкото насилство и корупцијата и бараме влада која им служи на интересите на сите нејзини граѓани, не само на неколкуте моќници“, истакна Селвије М. Алкан, извршна директорка на Фондацијата Ромите за Демократија, организатор на маршот.

Од Фондацијата побараа итен состанок со министерот за внатрешни работи за да одговори на ескалацијата на заканите и насилство врз нивните набљудувачи набљудувачи во првиот круг на претседателските избори.

„Само неколку часа по започнување на гласањето нашите Доан и Мурат добија закани од одредени политички партии поради тоа што вечерта пред изборите пријавиле купување гласови во ромското маало! Дали тоа е демократски и слободно? И тоа не беше сѐ. Добија закани дека после 17 часот ќе им се случи нешто да се пазат добро. Сепак, по кратка пауза тие се вратија во избирачките места и продолжија со набљудување. Изутрината следниот ден беа избушени гумите на автомобилот на Мурат, а Доан имаше целовечерен надзор пред неговата куќа. Нели тоа е загрозена слобода и небезбедност? Нашиот план е на изборите 8 мај повторно да набљудуваме избори со околу 200 набљудувачи. Но, постои едно прашање: како ќе набљудуваме избори ако не сме заштитени. ДОСТА Е!“, порача Алкан.

Таа упати неколку итни барања за одговорност до Државната Изборна Комисија и Министерството за внатрешни работи кои ги пренесуваме интегрално:

1. Итен состанок со министерот за внатрешни работи
2. Издавање насоки и јасни упатства за сите полициски единици низ земјата за безбедност и безбедноста на нашите набљудувачи, спречувајќи понатамошни акти на насилство или заплашување
3. Координација со изборните органи: обезбедете тесна координација со изборната комисија да гарантираат безбедност на набљудувачите за време на изборниот процес
4. Јавна изјава: Издадете јавна изјава во која ги осудувате сите форми на насилство и заплашување, потврдувајќи посветеноста на Министерството за почитување на владеењето на правото и заштита на правата на граѓаните да учествуваат во изборен процес без страв и принуда.

„Доколку во рок од 24 часа нема одговор од МВР, тогаш Фондацијата ќе го прекине планот за набљудување и нема да учествува со набљудувачи на изборите“ изјави Алкан.

Фото: Фондација Ромите за Демократија