ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници, СДСМ само 18 – СДСМ со најслаб резултат на изборите во историјата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Историски најголем пад на СДСМ и голем успех на ВМРО-ДПМНЕ. Од засега се уште неофицијалните резултати ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати што ја прави особено задоволна особено поради фактот што освои двојна победа не само на парламентарните туку и на претседателските избори. Прославата на победата доцна синоќа од пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ потоа се пресели и на централниот плоштад.  Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја честиташе победата. Падна Владата во Македонија и има причина за тоа, рече тој.

„Успеавме,  успеавме, успеавме.  Македонија победи.  Историска победа на народот. Оваа генерација ја има неповторливата можност да создаде ново поглавје во кое Македонија ќе биде горда и Македонија ќе биде ваша и ќе има иднина која што ќе се темели на вредности и надеж. Ја вративме надежта и вечерва имаме причина за славење“, порача Мицкоски.

И ако по првиот круг на претседателските избори Мицкоски телефонски разговараше со Таравари за учество во Влада, сега разговор имал со Касами , но во текот на вчерашниот ден постојана комуникација имал со лидерите на ВРЕДИ. Најави дека официјалните преговори со оваа коалиција ќе ги започне многу брзо.

„Се слушнав со градоначалникот на Тетово, господинот Биљал Касами, кој што искрено ја честиташе двојната победа за идниот претседател и победата на коалицијата Твоја Македонија, јас му честитам нему за исклучително добриот и квалитетен резултат на коалицијата ВРЕДИ а во текот на денот неколкупати се слушнав и со господинот Арбен Таравари и со господинот Изет Меџити“, вели Христијан Мицкоски.

-Кога ќе ги почнете разговорите?

„Па, ќе гледаме час поскоро тоа да го направиме“.

За разлика од победничката еуфорија во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ беше тотален молк. Иако по број на гласови е втора партија, сепак по бројот на освоените пратенички места од 18 мандати е на трето место, после ДУИ. Претседателот на партијата Димитар Ковачевски им ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ,а го призна големиот пораз.

„Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Секако во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход“, порача Димитар Ковачевски.

По лошите резултати први оставки поднесоа потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадиновски. Битиќи побара оставки и од целото раководство на СДСМ. Иако се очекуваше дека прв оставка ќе поднесе Ковачевски, тој рече дека тоа ќе се разгледува на партиските органи. На говорницата излезе опкружен со млади членови и мал број од раководството и носителите на листите. Многу брзо вечерта членството го напушти седиштето, вратите се затворија,, светлата се изгасија.

„Согласно Статутот на партијата ќе биде свикан отчетен конгрес на партијата на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и за работењето на партијата за периодот 2020 до 2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирање на СДСМ преку избор на претседател, раководство на партијата, претседатели на општинските организации и сите преостанати тела и органи“, вели Димитар Ковачевски.

Во новиот состав на Собранието покрај ВМРО-ДПМНЕ со 58 мандати и СДСМ со 18, влегуваат и коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратеници, коалицијата ВЛЕН со 13, а ЗНАМ на Максим Димитриевски како и Левица имаат по 6 пратенички места.