ВИДЕО| Израелски проектили погодиле локација во Иран

Израелски проектили погодиле локација во Иран, објави американскаа телевизиска мрежа ABC News доцна ноќта кон петокот, цитирајќи американски официјален претставник, додека иранската новинска агенција Fars, известувајќи за експлозијата, објави дека е активиран систем за противвоздушна одбрана во градот Исфахан.

Иранската новинска агенција Fars објави дека во близина на аеродромот во иранскиот град Исфахан се слушнала експлозија, но веднаш не била позната причината за нападот.

„Причината за тие експлозии сѐ уште не е позната, истрагата ќе продолжи сѐ додека не се утврдат точните детали за инцидентот“, објави агенцијата Fars.

Системот за противвоздушна одбрана во иранскиот град Исфахан бил активиран против „објект за кој постои сомневање дека е беспилотно летало“, изјавил изворот за агенцијата, која додава дека три експлозии се слушнале во близина на воена база во северозападниот дел на градот.

Американската телевизија CNN објави дека неколку летови во иранскиот воздушен простор биле пренасочени.

Во текот на викендот, Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили како одговор на израелскиот напад врз неговата амбасада во Сирија. Повеќето од беспилотните летала и балистички ракети поради големата далечина и бавниот лет беа соборени пред да стигнат до израелска територија, главно од сојузничките сили. Меѓутоа, најмалку седум хиперсонични проектили ги погодиле двете бази на двата спротивни краеви на Израел, едната на израелското разузнавање а другата воздухопловна од која полетале авионите кои ја гаѓаа амбасадата во Дамаск. Израел притоа непријави штети и жртви, иако во медиумите има различни непотврдени информации за нивниот обим.

Иран во четвртокот пред Советот за безбедност на ОН изјави дека Израел мора да биде принуден да ги прекине сите воени напади врз неговите интереси, додека генералниот секретар на ОН предупреди дека Блискиот исток е во момент на „најголема опасност“. Израел, иако предупреден од својот најголем сојузник САД, порача дека на некој начин ќе возврати на иранскиот напад со беспилотни летала и ракети на 13 април.