Жестока дебата меѓу Пендаровски и Силјановска. Транзициското профитерство го одбележа дуелот


 

Првата меѓусебна дебата меѓу двајцата кандидати во вториот кру на претседателските избори беше речиси без пардон, со остри меѓусебни обвинувања, со забелешки кој правел и кој што не правел во минатото. И Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова беа напрегнати во дебатата на ТВ 21, а на моменти и нервозни. И тоа не можеше да се скрие. Силјановска дури во еден момент реагираше дека Пендаровски ја „деконцентрирал“ и не можела да даде соодветни одговори на прашањата на модераторот Љубиша Цветковски. Забележливо беше дека Пендаровски главно избегнуваше да ја гледа Силјановска за време на дебатата, а таа изнасилено ја држеше насмевката на лицето барајќи од него да се однесува како џентлмен спрема дама.

Една од најважните поенти за кои се согласија двајцата беше дека тие се против бојкот на вториот круг на изборите и се оградија од таквите повици. Силјановска-Давкова нагласи дека доколку нема излезност тоа би бил антиевропски потег и ги повтори своите познати залагања за измена на уставот и за укинување на прагот од 40 отсто.

„Доколку не се случи излезноста од 40 проценти, тоа ќе биде уште еден антиевропски чекор, бидејќи Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР по најмалку четири мислења велат дека е тотално нелогично во вториот изборен круг да имате цензус од 40 отсто оти кога одат двајца, еден треба да биде избран со релативно мнозинство“, рече Силјановска.

Таа слушала некои пораки за бојкот, па дури тврдеше и дека ДУИ се поделиле внатре во партијата дали нивните приврзеници да го земат гласачкото ливче за претседателските избори.И дека 40-те проценти ги уркаат партиите во политички пазар, во уцени, во спогодби, зад грбот на граѓаните.

Пендаровски беше директен. Тој рече дека повиците за бојкотот доаѓале од политичката структура која ја поддржува Силјановска и повика да се излезе масовно на гласање и да се избере претседател за Македонија да не влезе во политичка криза.

„Од моја страна ниту некогаш било кажано, ниту некогаш помислено, гласачите кои ме поддржуваат да бидат наведувани на така наречен израз на ВМРО-ДПМНЕ – тивок бојкот. На секоја средба со граѓаните, на секој митинг јас велам ‘Излегувајте и гласајте. Македонија треба да има претседател на 8 мај, затоа што сѐ друго освен тоа е влез во политичка криза, во неизвесност и тоа не ни е потребно“, рече Пендаровски.

Потоа дебатата влезе во остра размена за времето кога Силјановска беше член на првата влада на Бранко Црвенковски од 1992 до 1994, за фри-шопот што му бил доделе на нејзиниот сопруг на граничниот премин Јажинце спрема Косова, во тогашна СР Југославија. Пендаровски тврдеше дека поради кршењето на санкциите против СР Југославија, наводно се заработувале и до еден милион марки дневно. Силјановска го отфрли сето тоа обидувајќи се со наместена насмевка да го претстави како измислици и потоа од подготвените материјали читаше како Пендаровски тохгаш бил низок службеник во МВР, но и како таков знаел за шверцот.

Силјановска-Давкова тврдеше, како што тоа го правт постојано претставниците на ВМРО-ДПМНЕ дека проблемот во застојот на патот кон ЕУ не е неусвојувањето на уставните измени, туку дека тоа е високото ниво на корупцијата и слабото владеењето на правото, наведувајќи го последниот извежтај на „Фридом хаус“ за цикличен хибриден режим.

Пендаровски реплицираше: „Во времето на партијата која ве поддржува, бевме заробена држава што е најлошата можна квалификација во историјата на Македонија. А дали знаете кога за првпат во историјата за Македонија е употребен ‘хибриден режим’? Во 90-те години со масовните приватизации и пљачки, кога вие бевте член на една од политичките влади и кога вие заедно со вашиот сопруг бевте први од транизицките профитери. Тоа се факти. Јас денес имам стан од 69 квадрати а вие имате несразмерно зголемен имот и тоа го знаат сите“, рече тој.

Околу прашањето за преговарачката рамка и уставните измени Силјановска имаше јасен став околу тоа дека тие ја прифаќаат преговарачката рамка, но без условот за уставните измени.

„Преговарачката рамка ние ја прифаќаме. Ние не го прифаќаме само елементот врзан за уставните измени и мислиме дека со поинаква добрососедска интерпретација, дека ако се копенхашките критериуми нека си разговараат комисиите и ги почитуваме европските темелни вредности и принципи и преговарачката рамка, ама и себе претседателе“, рече Силјановска-Давкова.

Според Пендаровски, со ваквиот став на опозицијата Македонија не може да влезе во ЕУ ни до 2050 година, а пред нас нема голем проблем, затоа што уставните измени не се тоа.

„Во овој момент само овој проблем треба да го надминеме, со уставните промени. Џабе лицитираме со години, не можеме ако не го надминеме ова. Со оваа опозиција и со утрешната опозиција или власт, која ја поддржува противкандидатката, ние не можеме до крајов на веков да станеме“.

За Силјановска проблемот со уставните измени бил бво процедурата и го обвини тогашниот спикер дека не ги ставил на гласање заклучоците на уставната комисија и тогаш ќе се видело какво е расположението на пратениците. Таа не одговори на прашањето на модераторот што мисли да направи со закочената евроинтеграцијата. Таа одговараше со општи постулати.

Имаше интересни детали во размената. Силјановска тврдеше дека таа сега е дел од ВМРО-ДПМНЕ и беше полна со фалби за Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „европски политичар“, зборуваше дека имала многу контакти во Европската народна партија. 

Таа веќе зборуваше како победник: „Не гледате ли дека победата е во воздухот, претседателе“ и тврдеше дека на 8 мај ќе се случел политички вулкан и нејзината победа ќе била 3:1.

Пендаровски зборуваше дека таа се однесува како професорка по уставно право, а се кандидра за политичар на највисоката функција. Во завршниот коментар на прашањето на модераторот дали има нешто позитивно да каже за Силјановска, тој рече дека таа е добар професор по уставно право, веројатно може да биде и добра уставна судијка, но дека не е подготвена за претседател на државата. Силјановска во завршните зборови избегна да каже дали има некој добар збор за него.