Свет
Полицијата нападот во црквата во Сиднеј го карактеризира како терористички чин, напаѓачот уапсен
Австралиската полиција го прогласи прободувањето со нож во црква во Сиднеј за верски мотивиран „терористички чин“.
Момче (15) е уапсено откако епископот, свештеникот и верниците биле нападнати за време на миса во црква.
Најмалку четири лица се здобиле со повреди кои не се опасни по живот, соопшти полицијата, а пренесува Би-би-си.
Повреден е и напаѓачот.
Инцидентот бил снимен во живо во црквата и брзо предизвикал немири во предградието Вејкли. Иако истрагата се уште е во тек, полицијата смета дека најверојатно се работи за верски мотивиран екстремизам. Властите постојано одбиваат да ја прецизираат религијата на напаѓачот.
Синоќа пред црквата каде што се случи нападот избија протести во кои стотина демонстранти се судрија со полицијата. Повредени се двајца полицајци, а уништени се 10 полициски автомобили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тинејџер исчезна во Алжир во 1998 година, по 26 години пронајден е жив во шталата на соседот
Алжирецот кој исчезнал пред 26 години бил пронајден во шталата на соседот, на само неколку минути пешачење, објави оваа недела Министерството за правда на земјата.
Човекот, идентификуван само како Омар Б., исчезнал на 19-годишна возраст, за време на граѓанската војна во Алжир во 1998 година, а неговото семејство претпоставувало дека бил киднапиран или убиен, пренесува „Си-би-ес“.
Сега, на 45-годишна возраст, тој бил пронајден меѓу стоговите сено на само околу 200 метри, откако братот на киднаперот се пожалил на социјалните мрежи за спор околу наследството.
Алжирските медиуми објавија дека кога членовите на семејството почнале да ја пребаруваат куќата на осомничениот, тој станал напнат кога се приближиле до стогот сено и на крајот го пронашле Омар Б. како седи под него во тишина.
Соседот (61) на семејството на Омар е приведен откако се обидел да избега, соопшти Министерството. Алжирските медиуми објавија дека жртвата изјавила дека не можел да повика помош „поради магијата што ја фрлил врз него неговиот киднапер“.
Киднаперот на тинејџерот е обвинет и дека го убил своето куче со отров, јавуваат алжирските медиуми.
Министерството соопшти дека истрагата се уште е во тек, додавајќи дека мажот добил медицинска и психолошка нега по злосторството, кое беше опишано како грозоморно.
Алжирските медиуми објавија дека мажот бил прегледан од лекар и префрлен во специјално психолошко одделение.
Свет
Заздравувањето на Фицо е доведено во прашање, на напаѓачот му пречела и владината политика кон Украина
Здравјето на словачкиот премиер Роберт Фиц се уште е тешко и рано е да се каже дали ќе закрепне, изјави неговиот заменик Роберт Калинак, ден по атентатот што ја шокираше Европа.
„За жал, сè уште не можам да кажам дека победуваме во напорите да го спасиме животот на Фиц, ниту дека прогнозите се позитивни бидејќи последиците од повредите предизвикани од четирите прострелни рани се такви што одговорот на телото на нив ќе продолжи да биде многу тежок“, рече Калинак.
Миријам Лапуникова, директорка на Универзитетската болница Рузвелт во Банска Бистрица, каде што се лекува премиерот Фицо, рече дека 59-годишниот премиер бил подложен на петчасовна операција во која учествувале два медицински тима за да ги санираат повеќете прострелни рани.
„Во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, но сепак е многу сериозна. Тој ќе биде задржан на интензивна нега“, изјави таа за новинарите.
Министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток на прес-конференција рече дека напаѓачот кого полицијата го товари за обид за убиство, дејствувал сам и дека претходно учествувал во антивладини протести.
„Станува збор за волк-самотник кој се радикализирал неодамна, во периодот по претседателските избори одржани во април“, изјави Сутај Есток.
„Како причини за нападот осомничениот ја наведе политиката на владата кон Украина, плановите за реформа на јавниот сервис и распуштањето на специјалното обвинителство“, рече министерот за внатрешни работи.
Словачки експерти во средата ги критикуваа безбедносните мерки преземени за заштита на премиерот по обидот за атентат врз Фиц.
„Самиот Фицо пред неколку недели зборуваше за опасностите од пукање врз политичарите“, изјави поранешниот началник на словачката полиција Стефан Хамран за весникот „Денник Н“ во четвртокот.
Тој се запраша кој ја анализирал потенцијалната опасност и ја проценил заканата. Хамран ја критикуваше реакцијата на телохранителите по пукањето.
Поранешниот шеф на словачката единица за обезбедување на заштитени лица, Јурај Забојник, исто така ги критикуваше телохранителите на премиерот.
Регион
Опсадна состојба во училиште во Загреб: наставничка се заклучила во училницата со учениците поради деветгодишното дете и неговите родители
Во едно основно училиште во центарот на Загреб утрово имало опсадна состојба поради што интервенирала дури и полицијата.
Наставничката се заклучила во училницата со учениците бидејќи родителите на едно 9-годишно момче барале тој да влезе во училницата, иако пред два месеца бил отстранет од час поради обвинувања за врсничко насилство од страна на врсниците и нивните родители.
Бидејќи родителите постапувале агресивно, наставничката се плашела за нивната и за сопствената безбедност.
„За среќа, наставничката беше присебна и ѝ благодариме за храброста. Таа се заклучи во училницата со нашите деца и им кажа дека тоа е тест-вежба за кризна ситуација. Сите побрзавме во училиштето и сме во шок. Ова е страшно, низ што поминуваме и децата и ние со месеци“, вели мајката на еден ученик за „Јутарњи лист“.
Кога стигнала на училиште, како што додава соговорничката на „Јутарњи лист“, заедно со другите родители седнале со момчето пред одделението и инсистирале да влезат во училницата.
Рекоа дека им е преку глава од тоа што нивното дете не оди нормално на училиште со другите.
Според написите, тој бил сместен во библиотеката и наставата ја следел онлајн на компјутер, а секогаш бил придружуван од професорка. Момчето секогаш било придружувано од возрасен и не јадело во исто време со учениците од неговото одделение, но децата не се осмелиле да влезат во библиотеката.
Секојдневно ги навредувал своите врсници од класот, малтретирал и сексуално вознемирувал девојчиња и ги снимал со својот мобилен телефон. Истото тоа им го направил и на момчињата удирајќи ги силно по грбот и во неколку наврати со тупаници по главата. Често им се заканувал дека ќе ги убие нивните родители.
Како што пренесува медиумот, фрлил помало момче во воздухот, па дури и турнал еден врсник толку силно што со главата удрил во работ од масата и добил модринка под окото.
Ова биле некои од инцидентите што се случиле во училиштето од ноември минатата година за време на наставата или за време на паузата, а кои ги раскажуваат родителите на учениците.
Исто така, момчето редовно ја прекинувало наставата со викање, лаење или мјаукање.
Наставничката со месеци не го користела одморот и не излегувала од училницата бидејќи знаела дека децата не се безбедни.