Работниците на улица – газдите на море!

Под мотото „Ние работниците за социјална правда“, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално на 1 Мај ќе излезе на протести на кои годинава ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз, зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, стопирање на злоупотребата на договорите на дело, плаќање на дополнителна работа, 36-часовна работна недела.... Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија е исправено поред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси. Поради тоа ги повикаа граѓаните масовно да се приклучат на првомајскиот протест и да покажат одлучност во борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права

189

Под мотото „Ние работниците за социјална правда„ Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално на 1 Мај ќе излезе на протести, на кои годинава ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз, зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, стопирање на злоупотребата на договорите на дело, плаќање на дополнителна работа, 36-часовна работна недела…Трошоците за храна и превоз што ССМ бара да се вратат во пресметките за плата изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци излегува дека работниците што имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.

-Ние работниците излегуваме на протест и на 1 Мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Во синдикалната кошничка над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Поради тоа од ССМ сметаат дека трошоците за храна и превоз треба да се вратат во платите на работниците. Со оглед на тоа дека 22.500 е минималната плата од март, доколку се извадат трошоците за храна и за превоз, во согласност со даночните ослободувања излегува дека платата е помала од 14.000 денари.

Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија е исправено поред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

-Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас. Денеска, сите Ние, сите Вие, имаме и имате можност и шанса да покажеме дека сме незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците. Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат државата, изјави Трендафилов.

Тој ги повика сите да покажат одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права. Не го сметајте ова како повик од ССМ, туку повик од работниците на кој треба сите ние да одлучиме заедно да излеземе на работнички протест на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. На протестот очекуваме да се придружат не само членовите на нашите синдикати, туку и работници, граѓани, синдикати, и други организации кои се со иста идеја, идеја дека ние работниците одлучуваме.

Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски за весникот ВЕЧЕР ги повтори барањата на синдикатите кои ќе бидат испорачани на 1 Мај.

-Во последниве години имаше пад на демократијата низ светот на меѓународно ниво, на национално ниво и на нашите работни места. Но, синдикатите на работниците се уникатно поставени да ја заштитат и промовираат демократијата. Ги покануваме на сите да ги слушнат нашите барања: Работничкиот дом да се врати на работниците, да запре злоупотребата на договорите на дело, достоинствени плати и доплата за дополнителна работа, право на трошоци за храна за време на работа, право на трошоци за превоз до и од работното место, воведување на повеќе основи за пензионирање по години стаж, 35 години за жени работнички и 40 години за мажи работници, право на предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за повеќе категории работници, 36-часовна работна недела, функционирање на институциите во нашата земја, иницијативи за формирање судови за труд, предлог за воведување на прогресивно оданочување, да се извади од фиока новиот Закон за работни односи, поголема безбедност и здравје при работа, подобрување на работата во државната администрација, изјави Пешевски.

Тој додаде дека синдикалната борба е борба за подобра Македонија и секој има своја улога во оваа кампања. Време е нашите меѓународни организации, влади и корпорации да работат за нашите интереси, а не за посебни интереси.

Љупчо Радовски, претседател на Синдикатот за текстил, кожа и чевли за весникот ВЕЧЕР изјави дека едно од барањата на Синдикатите на првомајскиот протест ќе биде плаќање на дополнителната работа на работниците. Газдите не им ги плаќаат на работниците дополнителните часови, туку им даваат слободни денови. Според Законот за работни односи, работникот има право да работи дополнителни 10 часа неделно, односно 190 часа годишно, кои треба да му се платат дополнително. Сепак, кај нас мал е бројот на газди што им ги плаќаат на работниците овие дополнителни работни часови. Обично им даваат слободни денови во текот на неделата или поголем годишен одмор.

– Во Законот за работни односи е дозволено да се работи дополнителна работа од 10 часа неделно, односно 190 часа годишно. Ако се пречекори вкупниот број прекувремени работни часови во текот на годината, работникот треба да добие плус една плата. Но, таа дополнителна плата, заедно со К-15 или регресот за годишен одмор, кој треба да го исплатат на крајот на годината, им доаѓа многу на газдите. Тие го злоупотребуваат тоа и не им ја даваат таа плата на работниците, туку им даваат слободни денови – изјави Радовски.

Протестот ќе почне во 11 часот, пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.

Аранжманите за Грција се продаваат како алва

Работниците ќе излезат на улица и ќе протестираат за повисоки плати, а газдите и функционерите кои веќе си ги покачија платите за првомајските празници ќе заминат на море. Од туристичките агенции потврдуваат дека голем дел од нашите граѓани, поточно оние со подлабок џеб, за првомајските и велигденските празници ќе заминат за Грција.

-Има голем интерес за патување за празниците, бидејќи се спојуваат повеќе неработни денови голем дел од граѓаните ќе заминат за Грција. Инаку, во овој период најмногу се бараат хотелски аранжмани, бидејќи голем дел од апартманите не се отворени и се подготвуваат за летната туристичка сезона. Цените на хотелите се повисоки од лани за 30 до 40 отсто, но и апартманското сместување е поскапено. Така во хотелите со 3 и 4 ѕвездички ќе платите 120 евра од соба со појадок и вечера, велат за весникот ВЕЧЕР од една туристичка агенција.

Од ССМ велат дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

(А.С.)