EPA-EFE/SEBASTIEN NOGIER

Италијанскиот тенисер Јаник Синер има голем напредок оваа сезона и се очекува наскоро да го нападне првото место на АТП листата на кое е Новак Ѓоковиќ.

Синер може да го преземе тронот веќе за време на сезоната на земјени турнири. Може дополнително да ја намали разликата ако направи добар резултат на Мастерсот во Мадрид, а после тоа следува турнирот во Рим, па Ролан Гарос.

Пред почетокот на натпреварувањето во шпанската престолнина тој разговараше со новинарите, каде што даде интересен одговор кога медиумите го прашаа дали се смета себеси за најдобар тенисер на планетата во моментов.

  • Тешко е да се одговори на тоа прашање. Секогаш гледаме на моменталната ситуација и понекогаш е добра, но понекогаш не е. Мислам дека не можам да се споредувам со Ѓоковиќ и со сето она што тој го направи. Имам голема почит кон него, изјави Синер.

Потоа го спомна и Карлос Алкараз.

  • Исто така, многу го почитувам Карлос, тој освои повеќе од мене. Ги почитувам и двајцата. Се трудам да играм тенис, да дадам максимум. Ќе видам што можам да постигнам, додаде Италијанецот.

Поради повлекувањето на Ѓоковиќ од турнирот во Мадрид, Јаник ќе биде прв носител.

  • Секако дека ми претставува големо задоволство, но реално тоа не менува ништо. Тука сум, сè уште учам да играм добро на земјена подлога. Условите се малку поинакви од некои други турнири, играме на висина, топката се движи побрзо, имав многу проблеми да го пронајдам моето ниво на игра, така што ќе биде интересно да се види како ќе играм ако можам да го најдам вистинското ниво на игра на земја, ќе биде добро, додаде Синер.

Младиот тенисер исто така има иста цел како Новак – сака медал во Париз.

  • Олимписките игри се важен настан за мене. Не можев да играм последен пат, па среќен сум што сум дел од ваков голем настан. Ќе разговарам и ќе запознам многу други спортисти, сакам да го разберам начинот на кој тие размислуваат, тренираат… Потоа има турнир во Рим кој е важен за мене, бидејќи јас сум Италијанец, исто така, има големо значење за нашиот спорт уште повеќе ако сакам да освојам повеќе турнири, заклучи Синер.