Израелската војска влезе во Рафа и ја презеде контролата врз граничниот премин меѓу Појасот Газа и Египет. Дел од населението и на вработени во меѓународни организации се евакуираа, а запрен е протокот на хуманитарната помош низ преминот Керем Шалом. Распоредени се израелски тенкови додека армиски единици го пребаруваат подрачјето. Медиумите, повикувајќи се на палестински извори, јавуваат за најмалку 18 загинати лица.
Израелските воздушни сили ноќеска извршија напади врз Рафа, неколку часа по апелот до палестинските бегалци да се евакуираат. Од 100.000 луѓе се бара да го напуштат градот, над еден милион стравува од најлошото сценарио. Политички и воени израелски авторитети со месеци најавуваат копнена офанзива врз градот на југот на енклавата и покрај противењето на САД. За Хамас, најновите случувања во Рафа се опасна ескалација додека Западот е загрижен за влошување на и онака очајната хуманитарна состојба во Појасот.
Од Западот стигнаа и првите реакции со осуда на нападот, но и барање до премиерот Нетанјаху да ја запре офанзивата. Но, од Тел Авив тврдат дека Хамас не им оставил избор и оти копнената офанзива нема да запре се до исполнување на воените цели во Рафа.
Сашко Димовски