ВИДЕО| Се трага по 27 лица откако брод се преполови во Јужнокинеското Море

Продолжуваат во саботата спасувачките напори откако товарен брод со 30 членови на екипажот се преполови во Јужнокинеското Море во време додека беснее тајфунот Чаба, објавија кинеските медиуми.

Спасувачките тимови досега спасиле тројца членови на екипажот од бродот кој тонел на 300 километри западно од областа на Хонгконг. Засега нема информации што се случиле со преостанатите 27 морнари, пишува The South China Morning Post.

Весникот, кој излегува на англиски јазик, наведува дека бродот „Fujing001“, кој пловел под кинеско знаме, побарал помош рано утрото во саботата, кога тајфунот се спуштил.

На видеоснимките од операцијата за спасување објавени во кинеските медиуми, се гледа како еден член од екипажот е извлечен со кабел од хеликоптер додека под него тоне бродот. Операциите за спасување биле отежнати поради брановите високи и до 10 метри и намалена видливост до 500 метри.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.