Славески: Сите на Авто пазар!

0
232

𝐇𝐢𝐭 𝐭𝐡𝐞 𝐑𝐨𝐚𝐝, 𝐉𝐚𝐜𝐤!

СИТЕ НА АВТО ПАЗАР

И сега одеднаш се појавува некој “Џек”, кој дошол да ја посети Европа, земјата на своите далечни предци, и ве убедува дека е подобро да ја купите “скапаницата”. Не наседнувате. Само одмавнувате со главата и му порачувате: Господине, можете да си ја понесете “скапаницата” со себе!

Време е да се подновите со (половен) автомобил. Сите знаеме како (и од кого!) се купува нов автомобил. Ако сте се одлучиле за нов автомобил, сигурно подолго време сте истражувале и сте ги приспособиле вашите желби на семејниот буџет. Одбирате модел и соодветна класа на автомобил и се упатувате кон овластениот продажен салон, напиша Трајко Славески на својот X Профил.

Во продолжение ја пренесуваме објавата во целост:

Претходно сте направиле неколку подготовки: преку некој пријател сте замолиле за каков-таков попуст и во зависност од тоа дали одбраниот модел го има на “лагер”, или треба да почекате некој месец, одлуката за купување не ја базирате на тоа дали продавачот ви се допаѓа или не.

Тој или таа за новиот автомобил располага со истите информации со кои располагате и вие. Според економистите, и двете страни од трансакцијата, купувачот и продавачот, се наоѓаат во состојба на “симетрични” информации. Добивате неколкугодишна гаранција и молите Бога автомобилот да се “погоди”, за да не морате често да го носите на поправки во овластениот сервис.

Сосема е поинаку кога сте се нашле на пазарот за половни автомобили. Продавачот, по правило, располага со значително повеќе информации за квалитетот на автомобилот од вас, купувачот. Станува збор за “асиметрични” информации. Знаете дека постои голема веројатност бројот на изминати километри, еден од важните сигнали за квалитетот на автомобилот, да е корегиран надолу.

Во земјата со најстрога регулатива на пазарот за автомобили, Германија, се цени дека е интервенирано кај близу една третина кај километражата на половните автомобили што се нудат на пазарот.

Продавачот, кој знае и за други скриени недостатоци на автомобилот, ќе ве убедува дека го возела неговата баба еднаш неделно за до црква, но поголема е веројатноста она што го гледате пред вас да го крстосувало Балканот или Европа во текот на изминатите години.

Овој проблем беше детектиран и теоретски објаснет на почетокот од 70-тите години од минатиот век од страна на американскиот економист Џорџ Акерлоф, кој за придонесот во областа на асиметричните информации го доби највисокото признание во областа на економската наука, Нобеловата награда.

И сега што правиме? Како да пристапиме кон купување половен автомобил? Во релативно мали средини како нашата, доколку се укаже прилика, првата опција е да купиме од познат продавач. Во спротивно, пазарот, т.е. учесниците во него, нудат некои решенија за надминување на проблемот со асиметеични информации. Некои продавачи нудат соодветна гаранција и за половните автомобили за определен временски период, што пружа одредена сигурност дека нема попусто да ги фрлите тешко спечалените пари.

И сега претставете си ваква ситуација. Пред вас се двајца продавачи, вам релативно добро познати. Едниот нуди солиден половен автомобил, со гаранција дека ќе ви служи подолг период и кој, покрај притисоците од сите страни, одбива да ги смени документите од автомобилот и да стави знаменце од туѓа, соседна држава.

Другиот продавач го налицкал автомобилот, но со сигурност знаете дека можеби недостасуваат повеќе делови. Ги испокрале тој и неговите пајташи. Всушност, станува збор за “скапаница”.

И сега одеднаш се појавува некој “Џек”, кој дошол да ја посети Европа, земјата на своите далечни предци, и ве убедува дека е подобро да ја купите “скапаницата”. Не наседнувате. Само одмавнувате со главата и му порачувате: Господине, можете да си ја понесете “скапаницата” со себе!

 

извор: X Трајко Славески