Низ планетата има повеќе напуштени градови, таканаречени градови на духови, а ова е приказна за еден таков град што се наоѓа во Турција. Градот на замоците наречен Бурџ ал Бабас во северозападна Турција (во близината на градот Мудурн) првично бил изграден за да привлече странски гости. Откако биле изградени повеќе од 500 исти вили во форма на замок и биле вложени над 200 милиони евра во проектот, дошло до голем пад на турската економија. Ситуацијата е таква што денес 587 вили се празни, а Бурџ ал Бабас го нарекуваат град на духови.
Проектот започнал во 2014 година, кога браќата Ерделен и Булент Јилмаз, градежни претприемачи од Истанбул, дошле на идеја за овој амбициозен план. При креирањето на дизајнот биле инспирирани од нивниот роден град, па вилите ги имитираат знаменитостите на Истанбул – кулата Галата и Моминската кула. Тие избрале и добра стратегиска локација, Мудурн е познато одморалиште полно со термални извори, така што блиските извори во регионот требало да ги полнат кадите за хидромасажа во секој дом и да обезбедат греење. Првичниот план вклучувал 700 вили, кои се очекувало да привлечат странски купувачи што летуваат во Турција поради медитеранската клима. Куќите се продавале од 350.000 до 500.000 евра, во зависност од локацијата – цена што одговарала на побогатата блискоисточна клиентела. Предвиден бил и трговски центар, како и градини и езера на целиот имот од 250 хектари. Проектот првично бил успешен. Од планираниот број вили, околу 350 им биле продадени на купувачи од Катар, Бахреин, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Но поради зголемената инфлација во Турција, политичките превирања и економскиот пад, инвеститорите поднеле барање за банкрот, прекинувајќи го проектот во 2018 година. Сега таму се наоѓаат 587 завршени домови и околу 30 милиони евра долг. Во 2019 година браќата добиле дозвола да ја завршат изградбата откако им бил поништен налогот за стечај, но пандемијата на коронавирусот повторно запре сè. Целиот проект тогаш го купила мултинационална американска корпорација за да го спаси овој град, но засега тоа не е на повидок. Денес напуштениот град привлекува само љубопитни посетители што сакаат да го искусат ова место.