Месечното посредување на Египет, Катар и САД меѓу Израел и Хамас се очекува да донесе позитивен исход. Во Каиро, делегација на Хамас ги продолжува разговорите за примирје во Појасот Газа. Од милитантната група објавија дека во Египет заминуваат со цел да постигнат договор.

„Го нагласуваме позитивниот дух со кој раководството на Хамас се справи со предлогот за прекин на огнот што неодамна го доби, и во истиот дух одиме во Каиро за да постигнеме договор. Ние во Хамас и палестинските сили на отпорот сме решени да постигнеме договор што ќе ги исполни барањата на нашиот народ за целосен прекин на агресијата, повлекување на окупаторските сили, враќање на раселените, помош и реконструкција и сериозен договор за размена“, соопштија од Хамас.

Последниот предлог на Израел за 40-дневно примирје вклучува ослободување на заложниците во Газа, во замена за палестинските затвореници. Според американскиот државен секретар Блинкен, кој изминатата недела го посети Блискиот Исток, Хамас останува единствената пречка меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот. Израелскиот премиер Нетанјаху повтори дека се прават големи напори да се вратат сите заложници.

„Правиме големи напори, веќе вративме половина, кога луѓето не веруваа дека некого ќе вратиме. Можам да ви кажам дека сме решени да ги вратиме сите – и живите и тие што се мртви“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

На терен продолжуваат нападите. Од ООН одново изразија загриженост дека израелскиот копнен напад врз Рафах ќе загрози стотици илјади жители и ќе ги отежне хуманитарните напори во палестинската енклава. САД очекуваат хуманитарните работници да почнат со испорака на помош овој месец преку нова поморска рута.

„Со оглед на гладот во Газа и тешката хуманитарна криза, ќе ја искористиме оваа можност да собереме пари од филантропијата, од фондациите и други донатори“, изјави Саманта Пауер, администратор на УСАИД.

Војната почна на 7-ми октомври кога Хамас го нападна јужен Израел, киднапирајќи околу 250 луѓе и убивајќи околу 1.200, главно цивили.

Извор: МРТ